Пред шест години „Њујорк тајмс“ објави интересно истражување. Имено, била спроведена анкета во која матурантите одговарале на прашањето дали би сакале нивните сопруги да бидат домаќинки. Накратко, одговорот бил да. Поточно, 58 отсто од нив одговориле потврдно. Толку е процентот на оние што сонуваат за иднина во која основно занимање на жената ќе биде грижата за куќата и децата. Тоа е дури 16 отсто повеќе во споредба со резултатот од истото истражување спроведено во 1994 година.

Како мајка на женско дете се запрашав: Како ќе се чувствувам и што ќе правам ако мојата ќерка утре дојде кај мене со идеја да биде домаќинка? Што ако сите пари што, можеби, ќе ги вложам во нејзиното образование и нејзината идеја да стане екологист бидат залудно потрошени? Ако целосно се посвети на бришење носеви, готвење кашички и читање приказни за добра ноќ?

Што ако мојата ќерка, мојата паметница, моето упорно, бистро девојче го посвети својот живот на воспитување деца?

Оваа мисла ме удри како гром од ведро небо. Но, само за момент. Затоа што знам како да ги воспитувам моите деца. И знам дека ако одлучи да ја донесе таа одлука, моето девојче ќе го направи тоа затоа што тоа го сака. Затоа што ја прави среќна. Дека тоа нема да биде резултат на убедување, а уште помалку одлука на нејзиниот партнер.

И ќе бидам горда на неа. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа ако избере да биде учителка, докторка, нуклеарна физичарка или фризерка.

Ако е како мене, ќе ги сака и двете. И кариерата и семејството. И работа и деца. Ако е како мене, исто така ќе сака да чита. Ќе ужива додека е на факултет и ќе земе сѐ што ќе ѝ понуди животот. Ќе ја искористи секоја можност да научи нови работи, да запознава нови луѓе, да направи нешто што ќе ја направи да биде горда на себе.

Ако е како мене, дури и кога ќе ги заврши студиите нема да ѝ биде доволно. Секогаш ќе биде „гладна“ за ново знаење, напредок и успех.

Но, што ако тоа не ја прави среќна? Што ако работата на мајка за неа е сосема доволна?

Што ако таа не се стреми да го има нејзиното име на научни трудови, да биде интервјуирана од новинари? Што ако, од друга страна, сака да прави костими за маскенбал, фигури од пластелин и колачиња со „Патролни шепи“?

Што ако нејзината најголема мерка за успех е да помине што е можно повеќе време гледајќи ги образите на нејзините деца и да не пропушти ниту една нова работа во нивните животи?

Што ако правењето домашни кифлички од кои ќе мириса целата куќата кога децата ќе се вратат од училиште е поголемо достигнување од импресивно резиме на четири страници?

Што ако по години бришење носеви, ставање фластери на изгребани колена, бришење солзи, таа не мисли дека го потрошила своето време и образование кога ќе се наврати на својот живот?

Ако мојата паметна, мудра, снаодлива ќерка избере да биде домаќинка, ако воспитувањето деца го гледа како на повик, дали ќе вреди помалку од нејзиниот сопруг чија плата ќе ги плаќа сметките? Или ќе бидат партнери кои придонесуваат, секој на свој начин, за опстанокот и растот на семејството?

Ако се почитуваат еден со друг, дали таа почит меѓу неа и нејзиниот сопруг ќе биде доволна за да го неутрализира целиот притисок што светот го врши врз жените – дека тие мора да бидат сѐ и дека се старомодни и помалку вредни ако не го прават тоа?

Ако времето во кое живееме, борејќи се за правата на жените, всушност ги маргинализира и понижи оние жени што ја избираат улогата на домаќинка, зарем тоа не е токму непочитување на жената и нејзиното право на избор?

Не знам кој пат ќе го избере ќерка ми. Можеби ќе сака кариера. Можеби воопшто нема да сака да има деца. Можеби ќе избере да биде „само мајка“. И можеби ќе сака да се обиде да има сè.

Извор



912

X