Скопје во наредните три дена ќе биде домаќин на фестивалот „Сонот на облачето“, што е ретка можност децата да погледнат меѓународни претстави со сенки. Годинава гостуваат претстави од Шпанија и од Бразил, заедно со претстава од Македонија, и сите тие обработуваат теми кои се од круцијално значење за развојот на детето – вечната борба помеѓу доброто и злото и безграничното пријателство.

Фестивалот ќе го отвори ансамблот „Луз микро и пунто“ од Шпанија со претставата „Светлосни години“, вечерва во 19:30 часот, во киното „Фросина“.

Претставите што ќе гостуваат во Младинскиот културен центар патуваат низ светот на разни фестивали од овој тип, комуницирајќи со публиката единствено преку визуелниот израз на театарот на сенки. Децата ќе можат да ја откријат магијата на театарот на сенки без бариерите од странски јазици, бидејќи претставите ја комуницираат содржината со музика во живо и игра со сенки пред и зад платното во најразлични формати – од минијатурно изработени фигури до сенки од човечки тела кои ја опфаќаат целата сцена на киното „Фросина“ во МКЦ.

Играта со сенки е една од првите игри што ги воспоставува детето со своите родители при неговото растење, додека театарот со сенки е исто така вклучен и како тема во образовниот систем на децата во нашата земја. Фестивалот „Сонот на облачето“ е можеби единствената шанса кај нас да се доживее овој уметнички израз во полна светлина.

Фестивалот нуди работилници за изработка на кукли, работилници за движење со тела, претстави кои се создаваат пред очите на публиката, при што децата целосно го доживуваат спектаклот.

Организатор е театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршката од Министерството за култура, Градот Скопје и МКЦ ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.



912

X