Рупа-тупа-тупа-туп… Чујте и почујте!… Шарено марено за сите! За некого варено – за некого само обарено. Ако нејќете такво – нема проблем, има и понешто слатко. Но, не дека нема солено. Напротив – тоа посебно ни е молено, затоа го има.
Ајде, ајде, народе детски, ви носиме песнички светски! Нема што нема – од пчела до авион, сè тука свое делче си зема.
Можеби ве интересира како плански се учат јазици странски? Ха… па тоа е боза:

„Крава лае,
куче мука,
кој да знае,
што е ова тука?

Кокошка крека,
жаба крака,
никогаш за века,
не било вака.

Волк да кукурига,
петел да вие,
кој кого вика…
може знаете вие?

Прасе на гранка тенка:
− џив, џив.
Низ двор стенка:
− гров, гров – врабец сив.

Гарант, жими
снегот лански,
овие учат
јазици странски“.

Не знам дали сте запознати со случајот чуден, но нема човек што по сознанието не остана буден: една риба заборави да плива. Аха, токму така:

„Риба,
дива,
заборави да плива.

Нешто
над вода
ко да ја турка,
наместо долу да нурка.

До сега рибава,
жими мајка,
немала никаква
водна сообраќајка.

Сега, наместо,
во вода уживање,
таа – со гума
за пливање.

Со овој проблем
како и кој да се справи?
фали уште, рибата
да почне да се дави.

Дал ова да го сфатам
дека треба на
курс по пливање
итно да ја пратам?

А може ова се
некои нови моди,
рибата да биде прва
што пеш ќе оди“.

А ако, пак, и вас ве загрижува секој отпадок по улица што шета ко да е небесно чудо, некаква комета, еве и за вас песничка права. Предлагам да ја научиме напамет, за памет да ни дојде, здрава.
Да ја рецитираме гласно, да не ни биде олку гнасно. Зашто, НЕМАМЕ РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА!

„Што бара
гума стара
во бара?
Жабите се бунат:
– Кре-кре!
Што е ова,
луѓе, бре!
Под итно спас.
За сè околу нас.
За природата сета,
зашто немаме –
резервна планета!“

Токму вака ја доживеав оваа шарена книга што однадвор ненаметливо се нуди, а штом ја отворите – возбуда буди. Џабе ви зборувам додека не видите сами − ќе замолкнете како лами. Добро, со подотворени усти зашто ова што ве чека – тукуречи е рамно на еурека.



912

X