Со сиот пиетет кон младите родители, се надевам дека ова е една од најретките причини за одвојување од децата

Ако нема сериозна причина, пожелно е преспивањето на малите деца кај бабите и дедовците да се случува ретко, а младите родители да се информираат за сериозноста на овој феномен. Подолгата одделеност или честото минување ноќи далеку од своите родители, особено на многу мала возраст, е дискутабилно и може да го вознемири и фрустрира детето, вели д-р Марија Котевска-Димовска, вонреден професор психолог/гешталт-терапевт.

Со неа разговараме околу една појава што сè почесто е присутна во нашето општество. Млади родители по напорната недела ги оставаат децата викендот да го поминат со бабите и дедовците, за да можат и тие малку да се релаксираат. Секое дете реагира различно, некое мирно ги поминува викендите, друго секоја вечер плаче, бара да ја види мајка си.

Котевска-Димовска вели дека доброто родителство бара целосна вклученост во животот на детето.

– Одговорноста е императив на љубовта, затоа помислата дека децата преспиваат кај баба и дедо заради личен комодитет на родителите ми побудува благо негодување… Со сиот пиетет кон младите родители, се надевам дека ова е една од најретките причини за одвојување од децата – вели таа.

Што ја предизвикува вознемиреноста од разделувањето?

Според Котевска-Димовска, стравот од сепарација кај малите деца е доста изразен и затоа разделбите во тој период треба да се минимизираат, или да се кратки со предвидливо времетраење. Улогата на родителите е неизмерно важна и незаменлива во детскиот развој, затоа тие треба да се главен извор на љубов и грижа, за детето да биде здраво и задоволно.

– Што всушност ја предизвикува вознемиреноста од разделувањето? Возраста игра клучна улога во тоа како се чувствува детето во однос на неговата поврзаност со родителите. Малите деца ја чувствуваат разделбата посилно затоа што сè уште немаат посебно чувство за себе, бебињата ги гледаат своите родители како дел од себе и сметаат дека дел од нив недостига кога се одвоени. Малите деца се извонредно повредливи суштества и не можат да сфатат дека нивниот родител ќе се врати, а тоа доведува до вознемиреност. Вообичаените знаци на вознемиреност од разделување кај малите деца честопати се манифестираат со плачење, врескање или одбивање да го напуштат својот родител – објаснува Котевска-Димовска.

Детскиот свет е сложен

Ако подетаљно се разгледа вознемиреноста од разделбата, може и соодветно да му се помогне на детето да се чувствува подобро кога родителите немаат друг избор, освен да го остават кај баба и дедо. Кога родителите немаат можност за избор, можат да им помогнат на малите деца да се справат со анксиозноста од разделување.

– Еден од начините е моделот на спокојно и позитивно однесување со уверување дека ќе се вратат, емпатија за чувствата на детето со утешна прегратка или меки зборови. Без разлика дали детето плаче, вреска или се фаќа за ногата на родителот како од тоа да зависи неговиот живот, важно е да го разберете значењето на таквото однесување и да одговорите соодветно. Потврдете го со мирно, уверено и топло однесување кое буди чувство на безбедност и смиреност. Децата ги имитираат родителите, затоа младите родители треба да научат како да управуваат со своите чувства, и со тоа да му помогнат на своето дете – вели Котевска-Димовска.

Таа објаснува дека детскиот свет е сложен и минува низ различни развојни фази. Детската психологија укажува дека првите три години од животот се најзначајниот период на развој, кога родителите треба максимално да им се посветат на своите деца. До крајот на третата година детето е како сунѓер – неговиот ум впива сè околу него и тогаш му се најпотребни сигурност, љубов и хармонијата во домот и меѓу таткото и мајката за да ја апсорбира таа љубов.

  • Првиот сериозен сепарационен страв се јавува во периодот од 6 до 8 месеци и е важен за подоцнежниот психолошки развој на личноста. Присутноста на мајката и таткото во топол амбиент на емоционална благосостојба кај детето создава внатрешна сигурност за неговото постоење и градење на непроценливо значаен став на доверба кон светот. Подолгата одделеност или честото минување ноќи далеку од своите родители на оваа чувствителна возраст може да доведе до несигурност и вознемиреност.
  • Околу втората година стравот од сепарација е на својот врв. Разделбите во тој период може да се пократки со предвидливо времетраење. Важно е родителот јасно да го извести и да го увери детето дека ќе се врати по него во одредено време.
  • Тригодишната возраст е период во кој се засилува имагинацијата која често резултира со страв од темнината. Децата треба да спијат во позната и сигурна семејна атмосфера, родителите треба да се во близина за да не се продлабочува стравот.
  • Околу пет или шестгодишна возраст стравот од темнината сè уште може да постои. Родителите треба да ги успокојат низ разговор и разбирање на детскиот имагинарен свет.

Според Котевска-Димовска, добрата вест е дека како што растат, така вознемиреноста од разделување се намалува бидејќи децата развиваат посебно чувство за себе, сфаќајќи дека мама и тато ќе се вратат и ќе продолжат да се грижат за нив. Сепак, доколку нема сериозна потреба од разделување во ноќите, нема потреба тоа да се случува често. Кога станува збор за кратки и постепени разделувања кои се адекватни на возраста, тие се начин за постепено надминување на сепарационата анксиозност и важен дел од растењето и развојот на емоционалната интелигенција и социјализацијата.

Ставете го вашето дете во фокусот!

Како и со секое развојно прашање, генералниот совет што може да им се понуди на родителите во балансот меѓу грижата за децата и другите обврски е: „Ставете го вашето дете во фокусот!“, вели Котевска-Димовска.
– Доброто родителство бара целосно вклучување во животот на детето, а тоа бара промена на приоритетите и жртвување на своето време. Не постои универзална формула за рамнотежа во животот, за секого е различно бидејќи секоја семејна ситуација е различна и уникатна. Кога родителите имаат други животни обврски и предизвици, неопходно е балансирање на односот помеѓу посветеноста на детето и другите важни работи како: работата, социјалниот живот, домашните обврски, потребата за одмор… Рамнотежата ќе овозможи помалку стрес и умор, повеќе контрола на времето и подобра можност да се исполнат обврските. Барајќи рамнотежа помеѓу сите обврски во животот, свесноста за она што ви е најскапоцено може да ви помогне да му дадете приоритет на вашето дете – децидна е таа.

Марија Котевска-Димовска

Затоа управувањето со времето во зафатениот свет не смее да биде причина да се пропушти времето поминато со детето. За да растат со внатрешна сигурност за своето постоење, на децата им се неопходни топол амбиент, љубов, внимание и квалитетно време, кое значи физичка и емотивна присутност.

– Времето што го поминувате на работа, со пријатели или во други активности е очигледно време што не го поминувате со своите деца. Можеби сте дома, но уморни, преокупирани со случките во текот на денот. Кога сте зафатени, под стрес или замор, вниманието што му е потребно на вашето дете лесно можете да го доживеете како работа или одговорност. Наместо тоа, свесно размислете колку е прекрасно да се има дете, да се вратите дома и да го споделувате светот со најпрекрасниот мал подарок за кој Данте Алигиери вели: „Три работи ни останаа од рајот: ѕвездите во ноќта, цвеќињата по денот и детските очи“. Во секоја можна ситуација застанете, слушнете го и поврзете се со вашето дете. Тоа ќе го увери дека е сакано и безбедно, и вам ќе ви помогне да се опуштите и да се чувствувате подобро, посреќно и поисполнето – вели Котевска-Димовска.



912

X