Труењето со олово ги погодува децата на масивно и претходно непознато ниво, според новиот извештај објавен од УНИЦЕФ и организацијата „Чиста земја“.

Во извештајот, прв од ваков вид, се вели дека околу 1 од 3 деца (дури 800 милиони глобално) има олово во крвта присутно со 5 или повеќе микрограми на децилитар, што е ниво кое бара да се преземат мерки. Речиси половина од овие деца живеат во Јужна Азија.

– Со неколку рани симптоми, оловото тивко го нарушува детското здравје и развој, со можни фатални последици. Знаејќи колку е раширено загадувањето со олово и разбирајќи ги деструктивните моменти што тоа му ги причинува на индивидуите и животот во заедница – мораме да преземеме ургентни мерки за да ги заштитиме децата – вели Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ.

Изложеноста на олово во текот на детството е поврзана со менталното здравје и бихевиоралните проблеми

Извештајот е анализа на целата ситуација со изложеноста на децата на олово – покажува дека оловото е моќен невротоксин кој предизвикува непоправлива штета во мозокот на децата. Особено е деструктивен за бебињата и децата под 5 години, бидејќи го оштетува мозокот пред тој да има можност целосно да се развие, предизвикувајќи невролошки, когнитивни и физички штети.

Изложеноста на олово во текот на детството е поврзана со менталното здравје и бихевиоралните проблеми, како и со зголемувањето на криминалот и насилството. Постарите деца страдаат од зголемено оштетување на бубрезите, како и кардиоваскуларни болести подоцна во животот, стои во извештајот. Изложеноста на олово кај децата е проценето дека ќе ги чини земјите со среден и низок приход речиси 1 билион американски долари заради губитокот на економскиот потенцијал на овие деца за време на нивниот животен век.

Во извештајот стои дека супстандардното рециклирање на батериите кои содржат олово е водечка причина за труењето со олово кај децата што живеат во земји со среден и низок приход, а тројно зголемување има и на бројот на возила уште од 2000 година. Порастот во однос на сопствеништвата на возила, комбиниран со недостигот на регулација за рециклажа и инфраструктура, резултира со небезбедно рециклирање до 50 отсто од батериите со олово во неформалната економија.

Работниците во опасни и често нелегални рециклирачки операции ги отвораат батериите, киселините течат и паѓаат на земјата, а батериите емитираат и токсични гасови кои ја трујат околната заедница. Често тие работници и околината не се свесни дека се изложени на овој опасен невротоксин.

Други извори на олово има и во водата од оловните цевки, олово од активната индустрија, во боите и лаковите, во бензинот, во конзервите од храна, во зачините, козметиката, играчките и други производи. Родителите што работат со олово често го носат дома на својата облека, коса, раце и чевли.

– Добрата вест е дека оловото може да биде безбедно рециклирано без работниците да се изложуваат на неговите токсини, како и нивните деца и соседствата. Луѓето може да бидат едуцирани за опасностите за да знаат како да се заштитат себеси и своите деца. Ваквата инвестиција ќе доведе до подобрено здравје, зголемена продуктивност, повисок коефициент на интелигенција, како и посветла иднина за милиони деца на планетата.

Во извештајот стои дека 5 земји биле вклучени во студијата каде што загадувањето со олово и други токсични тешки метали е на високо ниво и им штети на децата: Катгора (Бангладеш), Тбилиси (Грузија), Агбогблоши (Гана), Песареан (Индонезија) и Морелос Стејт (Мексико). Во извештајот додаваат дека владите во погодените земји треба да го адресираат проблемот и да користат координиран пристап во следните области:

– Тестирање на нивоата на токсични материјали во крвта.

– Превенција и мерки за контрола особено во областите кои произведуваат одредена керамика, бои, играчки и зачини.

– Менаџмент, третман и лекување – зајакнување на здравствените системи, односно да ја имаат потребната опрема за детектирање, набљудување и третирање на децата што се изложени на труење со олово. Обезбедување соодветни интервенции и бихевиорални терапии за децата кај кои има негативни ефекти од труењето.

– Јавна свест и промена во однесувањето – креирање едукативни јавни кампањи за опасноста од труењето.

– Легислатива и политики за развивање, имплементација и зајакнување на здравствените и безбедносните стандарди, во однос на рециклажата, отпадот и зајакнување на регулациите за квалитетот на воздухот.

– Глобална и регионална акција со креирање глобални стандарди за мерење на загаденоста, како и интервенција на јавното здравје, животната средина и локалната економија. Креирање интернационални стандарди и норми во однос на рециклирањето и преносот на користените оловни батерии.

Извор



912

X