Кога моите деца беа мали, имав потреба да работам. Иако тие беа неодоливи и ги сакав најмногу, исто така беа и непријатни. Многу часови поминати во тантруми, истурање пијалаци и јадење, досадни песни, со часови играње и искачување по лепливи површини. Чувствував дека имам потреба да го искористам мозокот, да се вклучам во разговор со возрасни луѓе и да облечам маица што не е со дамки од мајчино млеко. Најдов работа со скратено работно време во лабораторија за фотографии, развивајќи 35-милиметарски филмови три дена во неделата, од 5 до 10.

За 15 часа неделно ги заменив пелените со вистинска чанта и имав можност да правам нешто друго освен залажување на едногодишно дете да го изеде зеленчукот. Со свежо ставен кармин, панталони без дамки, комуницирав со луѓе што можеа да си го избришат сопствениот задник. Научив интересни работи, го вежбав мојот мозок и ја негував мојата креативна страна.

Имав можност да бидам некој друг освен мајка.

Одете напред 14 години. Сега, сè што сакам да бидам е мајка.

Повеќе не работам 15 часа во неделата и сега, како и повеќето луѓе, работам полно работно време за да имам интернет, храна и да можам да купам работи. Самохрана мајка сум, па често работам дополнителна работа. Главно, уживам во работата, но често се чувствувам презаситена.

Кога моите деца беа мали, до гуша бев во пелени и со испукани брадавици. Часовите траеја долго, се чинеа како вечност. Освен во неделните игри во локалната црква, главно бев сама – по цел ден и цела ноќ со две тешки деца. Се чувствував изолирано, под стрес и ми беше досадно. Иако бев зафатена со двајца активни синови, можев да почувствувам дека мозокот ми се претвора во каша.

Но, сега сето тоа е зад мене. Она што остана се двајца млади мажи кои наскоро ќе се разделат од мене за да почнат сопствен живот. Двајца млади луѓе кои можат да зборуваат за политика, да се восхитуваат на „Битлси“ и да ми помогнат да ги носам торбите од автомобилот. Двајца млади луѓе на кои сè уште им се потребни родителите и превоз до тренинг.

Се разбира, овие млади мажи сè уште знаат да бидат напорни. Постојат пцости, куп неиспрана облека и тешки расправии. Постојат сомнителни снепчетови, опсесии со „Фортнајт“. Но, постојат и реални разговори. Постојат нежни моменти кога син ми ќе дојде до мене и ќе ме прегрне. Постојат толку силни прегратки, што ми го одземаат здивот. А тука е и времето што полека заминува на тој неизбежен начин што секогаш го прави, приближувајќи ме до празно гнездо.

Времето што го имаме со децата е минливо. Еден ден носите градник за доење, за веднаш потоа син ви да забележи влакна под пазувите. Смешно е тоа како се менуваат улогите. Порано се криев во бањата за малку мир. Сега моите деца се кријат од мене, освен ако не сакаат превоз до трговски центар. Како мајка на постари деца, сакам да го впијам секој момент кога можам, пред да заминат на факултет. Ова претставува голем предизвик и кога работите полно работно време и кога работите скратено. Често, кога ќе се вратам по 9-часовна работа, откривам дека мојот уредник ми дал уште работа. Работам на телефон, така што им оставам на моите деца впечаток дека постојано седам на телефон, што навистина ми пречи.

Неодамна ова го правев и додека бев во бањата.

Потоа, тука е темата за надзор. Вистина, повеќе не се грижам за случајно да не стават в уста нешто или да не паднат по скали – но постои друг сет на грижи што доаѓаат кога имате деца кои наскоро ќе можат да гласаат.

Непријатно ми е да ги оставам моите деца сами подолг временски период. Тие можат сами некое време и знаат да го користат шпоретот безбедно, но на тинејџерите и понатаму им е потребно присуство на возрасен. Јасно се сеќавам кога јас бев тинејџер, кога ја чекав мајка ми да се врати од работа. Мислам дека на мајките треба да им се овозможи право да имаат флексибилна работа за да можат да бидат тука за своите деца. Компаниите треба да го вреднуваат семејниот живот и да нудат алтернативи за мајките и татковците, кои одгледуваат човечки суштества.

На тинејџерите им е потребно водство и често наоѓањето рамнотежа меѓу работата и мајчинството е полно со тешкотии. Да, на тинејџерите им е потребна нивната слобода, но јас сепак чувствувам стрес и вознемиреност на почетокот на летото, знаејќи дека ќе бидам на работа девет часа, а децата ќе бидат дома во празна куќа, без никој да им каже да ги исклучат телефоните или да ги приберат садовите од машината.

Се обидувам да бидам проактивна пред да нападнат стресот и вознемиреноста. Го усвоив квалитетот над квантитетот како моја мантра и се обидувам да ги направам вечерните часови што е можно посемејни. Средата ни е резервирана за филм, а во сабота се обидуваме да правиме активности што не вклучуваат интернет.

Но, сепак, постојат препреки со кои се среќавам. Честопати се растажувам затоа што мајките немаат доволно поддршка на работното место. Колку и да е прогресивна Америка, навистина се движиме бавно кога станува збор за емпатијата и помошта за мајките што работат во споредба со другите индустријализирани земји. Овој недостаток може да бара огромен напор од традиционално семејство, а камоли кај самохрана мајка како мене.

Не изненадува тоа што вината и стресот се толку распространети меѓу американските мајки.

Не е невообичаено мајките да одлучат да направат пауза од работа кога децата им се мали, но вистината е дека и на тинејџерите им се потребни родителите. Одржувањето чекор со воннаставните активности може да се смета за работа со скратено работно време. Носењето на тренинг, во клубови, волонтирањето да готвите и декорирате за училишните претстави е прилично напорно, така што важно е работното место да биде флексибилно. Ова може да биде особено тешко ако вашиот претпоставен нема деца. И ако нема силна мрежа на роднини кои би можеле да помогнат, мајката ќе биде сама и депресивна.

Јас сум многу благодарна што имам работа и сакам што работам хонорарно. Сигурно дека не предлагам мајките да се откажат од работата, но предлагам американските работодавци и компаниите да ги вреднуваат родителите, да го почитуваат мајчинството и да се обидат да им помогнат на жените кои се обидуваат да балансираат меѓу работата и децата.

Без оглед на тоа на која возраст се.

Автор: Клаудија Карамиело



912

X