Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 13,5 години и ќерка од 7,5 години. Син ми е премногу емотивен и сѐ си зема при срце. Уште како мал беше малку срамежлив и повлечен. Кога требаше да воспостави комуникација со деца, му требаше време да се опушти. Кога се роди сестра му тој имаше 6 години и тргна во прво одделени. Моето внимание мораше да го дели со бебето и мислам дека тогаш овие негови карактеристики дојдоа повеќе до израз. Последниве 4-5 години стана поемотивен и секогаш влегува во вербална расправија, најчесто со мене. Во тие расправии постојано се потсетува на некои моменти кога сме го искарале, сме го удриле, не сме му дозволиле нешто и слично, главно на негативни моменти кои не ги заборава. Кога ќе го прашам зошто се сеќава на нешто неубаво што било пред неколку години, ми одговара дека немал во животот убави моменти, што апсолутно не е точно. Потоа почнува да кажува дека ние не го сакаме, дека само сестра му ја сакаме, дека не се гордееме со него, дека не веруваме во него, воопшто нема самодоверба и сл. Јас сум просветен работник и постојано разговарам со него и на секаков начин сум се обидела да го убедам дека тоа не е точно, постојано го гушкам, секогаш сум тука за него, му помагам за сѐ, го советувам… На училиште е одличен, но постојано е под стрес за оценките, нема самодоверба, сака на сите да им помогне, а ако не му вратат на ист начин, тогаш многу се разочарува, дури и плаче, и повторно мисли дека него никој не го сака, дека децата на училиште го исмејуваат. Како да му ја зголемам самодовербата, како да сфати дека треба да гледа на светлата страна на животот?

ОДГОВОР: Тинејџерските години се карактеристични по наглите промени во расположението, лесно променливи мисли и ставови, егоцентризам и важност на туѓото мислење, со еден збор нестабилни во однос на личниот развој.

Направивте еден негов опис, но не е доволен за да оцениме за каков темперамент на личност станува збор. Ова е важно бидејќи односот и насоките за секоја различна природа на личноста се различни. Исто така, споменавте дека е одличен ученик, но е под постојан стрес за оценките и постигнувањата на училиште, па ве обвинува дека не се гордеете со него и не верувате во него. Тоа е резултат на вашето вреднување на резултатите (поени на тест, оценка итн.), а помалку охрабрување на трудот и способноста.

Најнапред, во оваа возраст тој треба да знае за што го бидува, што е тоа што лесно му оди, го сака, а за што не го бидува, што му оди потешко и нема интерес за тоа. Важно е да знае дека не треба во сѐ да биде добар, но во она што е добар и му оди лесно, да биде брилијантен.

За да се формира како силна, резилиентна личност, потребно е да се посвети повеќе на својот личен развој и да прави нешта кои ќе го формираат како личност. За таа цел, ве советувам да контактирате стручно лице кое би работело со него и од кое вие би добиле дополнителни и конкретни насоки како да му помогнете.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X