Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 4,5-годишен син кој е плашлив по природа, но во последно време има страв од бубачки. Имаше ситуација кога беше каснат додека спиеше на неколку места на ножињата и оттогаш има кошмари со бубачки, но истовремено мислам дека стравот беше поттикнат и од возрасна личност (татко му) која му кажа дека во креветот има бубачки што го касаат и него бидејќи детето се будеше ноќта со врескање да ги избркаме комарците.

Сега се случува одвреме-навреме да има страв по неколку минути од заспивањето, па со претање со нозете сака да ги избрка бубачките, а знае и да фати нешто замислено со прстињата и да ги гледа (не знам дали навистина нешто гледа или е во сон). Сам не спие, само со мајка си заспива, не сака со никој друг. Знае да ги црта бубачките во тетратка и секогаш ги црта намуртени, со злобни очи. Му купив книга за бубачки за да ги учиме и да не се плаши. Ѝ се израдува на книгата, ја гледа, лепи лепенки од бубачки, но стравот сѐ уште е тука. Како да му помогнам?

ОДГОВОР: Стравот е нормална емоција која е присутна кај секое дете, но неговиот интензитет и спектар се во зависност од темпераментот на самото дете, карактерните црти и воспитниот стил и пристап на родителот. Стравот како таков може да биде развоен, што значи карактеристичен за одредена возраст и природен дел од емоционалниот развој на детето, но може да биде и невротичен, што значи неоправдан и нереален, каде што реакцијата на страв е премногу нагласена во однос на ситуацијата. Кога стравот е толку интензивен што предизвикува огромна вознемиреност која ги попречува нормалните активности на детето, станува збор за фобија. Овде станува збор за страв од инсекти кој се нарекува ентомофобија. Најважно е да го видите и уважите стравот на детето.

Неколку чекори се битни кога се справувате со стравот на вашето дете, а воедно и вашиот страв поради тоа што вашето дете се плаши, тоа би значело секундарна реакција на страв кај возрасниот која нема иста тежина како реакцијата на детето. Прв чекор е да го препознаете стравот, т.е. „Да, се случува!“ и не е прашање зошто и како, едноставно вашето дете се плаши. Многу е важно да му обезбедите некаква сигурност во момент кога доживува страв, поточно не треба вие да имате поизразена емотивна реакција и да сте поуплашени, туку треба да зрачите со една родителска самодоверба, дека кога е со вас, вие се грижите тој страв полека да си отиде. Многу е значајно детето да знае дека и вие некогаш сте биле дете и сте се плашеле, и дека не се единствени, дека реакцијата на страв не е нешто што само него му се случува, дека и вие, исто така, колку и сигурни да изгледате сега, некогаш кога сте биле „баш како него“ сте се плашеле од слични работи.

Во тој контекст можете да му прераскажете сопствена приказна со некаков инсект од кој сте се исплашиле и како сте го решиле тоа. Бидете креативни во тоа. Потоа останете со вашето дете, да знае дека не е само, да ја почувствува сигурноста што му ја давате, можете полека со допир или со прегратка да го смирите, обидете се дури и телесно да го поддржите, па дишете заедно со одбројување или дување балон, полека смирувајќи се. Седнете поблиску до него, фатете му ја едната рака, а со другата со лесни движења масирајте го делот на грбот од вратот до половината, правејќи полупрегратка. Ми се допаѓа вашата идеја со лепенки од инсекти. Сега веќе поставете си хиерархија на цели.

Доколку успешно поминавте со сликите и лепенките, сега купете играчки инсекти. Играјте во песок или ставете инсект во тесто, па барајте го заедно. Потоа гледајте некое документарно видео за инсекти. Раскажете му зошто се тие важни за нашата планета Земја. Нека ја види и нивната позитивна страна, нека ги засака. Потоа обидете се да направите мал вистински хербариум направен на стиропор во боја. Сето тоа полека, без брзање и напор, нека ова искуство ви биде родителски предизвик, а за детето училиште.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X