Гледајќи во нејзиното бебе, Емили требало да чувствува само љубов кон него.
За жал, се борела со чувства што не сакала да ги признае. Дали направила грешка што го родила?
– Колку и да беше прекрасен, не бев сигурна дека сето ова е вистинската работа за мене. Се борев со недостиг на сон. И додека тој беше прекрасно бебе, чувствував дека не го сакам колку што треба. Да знаев дека ќе биде толку тешко, мислам дека немаше да го родам – вели Емили.
Според Националната здравствена служба на Британија, секоја десетта жена во Британија се бори со постпородилна депресија и може да не се чувствува поврзана со своето новороденче.
Оние што продолжуват да го чувствуваат тоа каење, како 38-годишната Емили, обично го имаат подолго време.
Каењето за раѓањето бебе може да предизвика распаѓање на врската, а за некои мајки што работат, бебето може да предизвика пад во кариерата и неуспех кога станува збор за унапредување.

Можеби е табу-тема, но стотици родители разговараат за овие чувства анонимно на интернет, така што постои и интернет-група „Жалам што имам деца“ со повеќе од 24.000 следбеници.
Психологот Наташа Тивари, извршна директорка на „Веда груп“, која обезбедува поддршка за менталното здравје на семејствата, вели дека жалењето и каењето поради станувањето мајка се почести отколку што многумина претпоставуваат.
– Стигмата значи дека повеќето никогаш нема да најдат некој со кого ќе се чувствуваат безбедни за да разговараат за своите чувства – вели таа.
– Жалењето најверојатно ќе се доживее како болен копнеж по живот кој не го изживеала личноста – вели психологот.
Емили, која е администраторка на универзитет, никогаш не сакала деца, но кога имала 34 години се согласила со нејзиниот сопруг дека сака семејство.
– Сметав дека сме среќни онаму каде што сме. Но, тој се премисли и јас се согласив бидејќи тоа беше нешто што тој го сакаше. Не бев сигурна, но откако решивме да се обидеме, бев возбудена. Бев загрижена, но се чувствував задоволна затоа што тој сакаше да има бебе со мене – се чувствував посебна – вели Емили.
Емили била шест и пол години во брак, а останала бремена во септември 2017 година, по неколку недели обидување. Не уживала во бременоста, а нејзиниот син Робин се родил во јули 2018 година по брзо, но исцрпувачко породување.
– Беше неверојатно кога првпат го држев Робин в раце. Беше со нас и не можев да престанам да го гледам. Чувствував наклонетост, но не ја чувствував љубовта што сите ја опишуваат – вели Емили.
По многу непроспиени ноќи, Емили била истоштена и се борела да остане во чекор со обврските како родител.
– Бев добра мајка, го давав максимумот за него. Но, тешко ми беше да комуницирам позитивно со Робин бидејќи бев истоштена. Се чувствував неверојатно виновна. Заслужи да ги види луѓето што беа среќни за него. Цело време плачев. Сакав да се средам, но знаев дека не можам да продолжам долго – раскажува таа.
Кога Робин имал 4 месеци, Емили разговарала со својот матичен лекар и ѝ биле препишани благи антидепресиви. Била упатена во „Блубел кер траст“ во Бристол, каде што лекуваат постпородилна депресија.

Кога Робин имал 8 месеци, Емили се вратила на работа.
– Беше одлично што се вратив назад. Беше убаво да се фокусирам на една работа, да добијам чаша чај или да одам во веце кога сакам – вели Емили.
За некои мајки, раѓањето бебе значи дека нивните планови за кариерата треба да останат во заднина. 30-годишната Стејси вели дека раѓањето дете имало големо влијание врз нејзините изгледи за напредување во работата.
– Сакав да имам бебе со мојот партнер. Нашиот син, кој сега има 20 месеци, беше планиран и го обожаваме. Но, има моменти кога чувствувам жалење поради мојата кариера. Мојот работодавец се согласи да направиме посебна шема со скратено работно време, но има многу работни места за кои би сакала да аплицирам, а немам време бидејќи сум зафатена мајка. Во овој момент, сакам приоритет да му дадам на моето бебе – вели Стејси.
– Чувствувам дека морав да ја ставам кариерата во мирување. Тоа е жртвата што морав да ја направам – вели Стејси и додава дека ѝ недостига и слободата што ја имала пред да роди бебе.
– Многу го сакам, но ми недостига мојот стар живот. Ми недостига тоа што не можам да излезам кога сакам и да трошам пари на задоволства за себе. Ми недостига да го поминам денот гледајќи ТВ в кревет.
-Најмногу ми недостига време за себе – вели 29-годишната Сем.
Таа вели дека раѓањето на бебето довело до распаѓање на нејзината врска.
– Адам и јас бевме заедно осум години кога забременив. Бевме возбудени иако не ја планиравме бременоста, но немавме идеја дека работите толку ќе се променат. Откако се роди нашиот син во декември 2018 година, се разделивме. Го сакам Арчи, но жалам за многу работи што се случија во животот откако го добив. Бев преморена, тој едвај спиеше и на крај почна да спие во спалната со мене, а Адам спиеше на каучот. Му замерив на Арчи што застана меѓу нас. Нашите семејства не беа во близина, така што не можевме ни да излеземе сами – вели таа.
Д-р Тивари вели дека секој што чувствува вакво жалење треба да најде некој на кого ќе му се отвори.
– Преточувањето во зборови на овие комплицирани чувства е првиот чекор во решавањето на болката, срамот, вината и осаменоста. Треба да најдете време за себе за повторно да се поврзете со вашиот идентитет, но и време за децата за да се потсетите на аспектите на мајчинството што носат радост – вели докторката.
– Дури и ако ги имате овие чувства сега, можно е да стигнете до место на одредено прифаќање, па дури и радост, ако сте подготвени да ги оставите црно-белите размислувања околу оваа работа.

– Сега работите се подобри. Робин порасна. Зборува и повеќе работи правиме заедно. Не сум толку уморна. Истовремено, и понатаму ги чувствувам ограничувањата што ги носи мајчинството. Ми недостига време за себе и би сакала повеќе да излегуваме сами со сопругот. Но, имам позитивни чувства во врска со иднината. Важно е другите мајки да знаат дека она што го чувствуваат е во ред, дека не е ништо лошо и дека не треба да се чувствувате виновни – вели Емили.