Јас одев во повеќе училишта, во две основни, две средни, поради разни преселби, а ова е една случка од едното основно училиште.

Сашка беше многу популарно девојче, најмногу благодарение, гледано од оваа дистанца, на својот ведар дух, широката насмевка, подготвеноста за шеги. Ми импонираше кога бев во нејзино друштво…
Многу момчиња беа вљубени во неа, на што таа не му придаваше големо значење. На тогашните наши собирања во некои импровизирани дискотеки умееше најдобро да го фати ритамот со своето тело како од гума.
Сите бевме приближно исто облечени, но таа секогаш некако поинаку ги носеше своите патики и фармерки. Би рекла дека всушност нејзината енергија ја правеше некако посебна. По завршувањето на основното училиште јас се преселив и се запишавме во различни училишта. Тој период од нејзиниот живот слабо го познавам, само откако ја сретнав по три години, оддалеку забележав дека не беше насмеана, косата ѝ беше мрсна, беше многу слаба, ѝ недостигаа заби.

Колку што знаев, го заврши училиштето, но не знаев со што се занимава. Некои познати ја гледаа на улица, како се движи со изгубен поглед. Ми беше многу жал поради тие сознанија.

Потоа, по седум-осум години ја видов како вози количка со бебе, со некаква скриена насмевка.
Повторно долго ја немав видено и пред извесно време разбрав дека работи во некоја трафика, дека се развела од таткото на своето дете, дека е сама со детето, тинејџер, би рекла.
И така пред некоја вечер се сетив на неа бидејќи ја чув песната на која танцуваше како Џенифер Билс во „Флешденс“. Ми се роеја мисли за тоа што се случи со нејзината позитивна енергија, кој и зошто не умеел да го препознае тоа? Искрено, слабо бев упатена во нејзините семејни односи додека бевме деца, а подоцна комплетно ништо не знаев за неа. Само почувствував жал бидејќи помнев дека освен ведрината имаше талент и за танцување, читање и ако на тоа ја додадам нејзината природна харизма, помислив што и каква можеше да стане?

Како што овие денови гледам некои интересни, паметни деца чии родители слабо се разбираат, не се разбираат воопшто или бурно се разведуваат. Таква бура од емоции врие во срцата и во главите на тие деца, што во главата ми се наметнува нивната иднина, какви луѓе ќе станат и што ќе ги обележи, токму како споменатата Сашка.
Тага и само тага.

Би сакала да можам да предупредам за некои работи, да напишам нешто паметно, но ми недостигаат зборови.
Единствено што ми се наметнува како здраворазумски заклучок е – бидете родители на своето дете. Бидете, да бидеме навистина присутни во нивните животи.
Животот е убав, убав е и кога постои тага, убав е ако сакаме да го гледаме како таков и без оглед колку изгледа долг, истовремено е краток и времето поминува

Автор: Ивана Вана Станисављевиќ



912

X