Прашај психолог храна

Сака да јаде само чоколадни работи, друго не сака ни да помириса ни да проба… Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 4 години и 3 месеци. Говорот уште не му е оформен, инаку одеше на дефектолог и сѐ е во ред. Сега одиме на логопед и добро напредува. Меѓутоа, имаме друг проблем. До третата година јадеше тотално сѐ. Беше блендирано, ама од 3 години наеднаш престана да јаде 90 % од тоа што го јадеше. Останавме само на спанаќ со кромид, јајце и кисело млеко. Така цела година. Сега не го сака ни тоа. Сака само чоколадни работи; чоколино, леб со крем, бисквити понекогаш и смоки. Дури ни смути не сака веќе, а многу го сакаше. Постојано се убедуваме, седиме во ќоше на столче за да се убедиме, ама ништо. Не сака ни да помириса, не пак да проба. Дома нема ништо од тоа што сака да го јаде и не паѓам на шарм и плачки. Во градинка исто така не јаде ништо, крвта му е во ред…

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и ме радува што забележувате напредок во работата со логопедот и чувствувате позитивни промени кај вашето дете.

Разбирам дека ве загрижува односот со храната. Велите дека вашето дете јаде и дека неговата крвна слика е добра, но често се храни со намирници кои не се најздрави. Овој тип на однесување е многу чест кај децата, тие некако природно се привлечени од слатките вкусови и лесно достапните грицки бидејќи носат чувство на задоволство и сигурност. Прифаќањето нови вкусови, горчливи, кисели или различни текстури, тоа е процес кој оди постепено, вкусот во голема мера се учи. Слатките и омилените грицки често им служат како средство за брзо смирување на гладот и емоционален мир, па затоа тие ги избираат почесто отколку хранливите алтернативи.

Вашето дете е на возраст кога започнува и да гради својата автономија. Храната е едно од местата каде што може да ја почувствува таа контрола. Кога одбива одредена храна, тоа може да биде и негов начин да одлучува и да ја изрази својата независност.

Кај нас, родителите, природно се појавува страв кога детето не сака да јаде, се грижиме дека ќе ослабне, ќе се разболи или ќе му недостига нешто. Често овој страв придонесува да попуштиме и да му дадеме нешто што знаеме дека ќе го јаде за да биде мирно – „подобро да изеде нешто отколку ништо“. На овој начин ние одбираме сигурност и мир: детето е мирно, ние сме мирни, „најадено е“ и сè изгледа во ред. Но, ако ова стане редовна навика, детето учи да се потпира на оваа стратегија наместо да експериментира со различна храна.

Важно е да знаете дека притисокот, напнатоста или борбата околу храната често го намалуваат апетитот. Терањето „да јаде во ќоше“ обично создава голем контраефект и не решава ништо.

Најдобро е да се намали борбата околу храната. Бидете смирени, без убедувања и казни, без голем притисок. Имајте јасна структура во оброците и дневниот ритам. Нудете разновидна храна, ставете различни здрави намирници на масата, но без убедување или казни. Дозволете детето да избере што и колку ќе јаде од понуденото. Кога ручате сите заедно на маса, тогаш и нему ставете му и не зборувајте дека треба да јаде, вие јадете и однесувајте се природно, разговарајте.

Вклучете го во подготовката на храната. Кога децата учествуваат во изборот и подготовката на оброкот, се помотивирани да пробаат нови вкусови. И постојано зборувајте за она што го спремате.

Ограничете ја „борбата“ околу слатките и грицките. Поставете јасни рамки: кога и колку слатки се дозволени, на пр: Кога ќе заврши ручекот, може да се изеде едно мало чоколадо. Тогаш детето ќе учи за граници без некој голем стрес.

Дозволете му избори во секојдневниот живот, на пр., дали сака да носи сина или зелена блуза, кој сад да го користи или која чаша, со која играчка да си игра прво. Вклучете го во семејните активности, дозволете му да учествува во мали, но значајни одлуки. Давајте му да ги среди играчките, да ги стави чорапите во корпата за алишта итн. Именувајте ги и рефлектирајте ги емоциите: „Видов дека ти е жал што не можеш сега да јадеш чоколадо. Тоа е во ред“.

Продолжете во развивањето на говорот и не губете надеж дека ќе почне да јаде и друга храна.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете разговор и советување на:  sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top