Родителите често велат дека откако почнало да оди, детето не престанува да се движи, дури не седнува ни за време на оброкот. Тоа се случува бидејќи хиперактивноста кај малите деца најчесто се јавува истовремено со појавата и развојот на самостојното движење. Не успева да се заинтересира ниту за кратко прелистување на сликовници или, пак, за слушање приказни. Не покажува ни минимум внимание и од ништо не се плаши. Често се случува родителите да се жалат дека нивното дете има некој тешка телесна повреда, која се случила поради непредвидливоста и импулсивноста кои со себе ги носи хиперактивноста. Се случува да дојде и до нарушување на спиењето кај овие деца, а исто така не поднесуваат ограничувања и дисциплина.

Рани знаци на хиперактивност кај децата помлади од 4 години

Како бебиња многу плачат, цицаат подолго од другите деца, имаат тешкотии при заспивањето, често се будат, тешко се смируваат. Во подоцнежната возраст постојано се во движење, не можат мирно да седат, да јадат, постојано нешто прашуваат, се вклучуваат во разговорите на возрасните, тешко играат сами. Често паѓаат и не ги предвидуваат последиците од своите постапки. Можат да развијат страв од одвојување, а често се храбри во ситуации кои ги плашат другите деца. Родителите ги опишуваат ваквите деца како тешки за воспитување, бидејќи не ги следат и не ги почитуваат нивните барања и забрани. Родителите мора постојано да внимаваат за да спречат незгоди и повреди. Опасност за децата се улиците, отворените прозорци, средствата за чистење, острите предмети, достапните лекови.

Знаци на хиперактивност кај повозрасни деца

За време на училишниот период и адолесценцијата, импулсивноста им претставува голем проблем на хиперактивните деца. Поради желбата да бидат прифатени од страна на врсниците, често прават работи на кои другите ќе ги наговорат. Тоа можат да бидат и многу опасни ситуации. Имаат тешкотија при создавање и одржување пријателства. Поради тоа што ги прекинуваат другите додека зборуваат, поради допирањето и прегрнувањето без некоја причина, агресивното решавање на судирите, често се отфрлани од групата. Можно е да имаат тешкотии во усвојувањето на практичните вештини, усвојувањето на јазичните способности и академското знаење.

Хиперактивноста и учењето

Хиперактивност, импулсивност и тешкотии во одржувањето внимание се нештата што можат сериозно да ја нарушат способноста на детето за учење. Најчесто заостануваат зад другите деца во класот токму поради тоа. Тоа е уште една причина зошто може да бидат предмет на исмејување од врсниците, а и да бидат казнети од родителите. Имаат проблеми со читањето и пресметувањето во најголем дел, а бидејќи образовниот систем е заснован на нив, децата не се доволно продуктивни и бележат слаби резултати. Не можат да се концентрираат на час доволно долго, а некои од нив имаат и тешко читлив ракопис.

Хиперактивност и создавање пријателства

Многу хиперактивни деца имаат малку пријатели. Нивните проблеми често се резултат на импулсивноста и малото внимание што го имаат, па не се во можност да ги научат социјалните правила и да ги препознаат социјалните знаци и пораки. Свесни се дека се изолирани и отфрлени, но не знаат како да го променат тоа. Потребна им е помош да го научат она што повеќето деца спонтано го учат. Но, учењето на социјалните правила и комуникацијата со другите луѓе е долг процес кој бара многу труд и поддршка од околината. Ако тоа не се случи, децата многу лесно паѓаат во еден круг на погрешно однесување. Неправилните воспитни постапки, пак, на родителите и наставниците може да се видат во: претераното казнување, постојаното критикување и отфрлање, претераната попустливост, неистрајност, откажување и слично. Сето ова може да доведе до емоционални тегоби како што се: негативност, агресивност, депресивност и создавање лоша слика за себеси. Важно е рано да се открие проблемот и да се пристапи. Лекувањето подразбира вклучување на мултидисциплинарен тим (детски психијатар, клинички психолог, дефектолог) во соработка со родителите и другите лица што учествуваат во одгледувањето и воспитувањето на детето.

Раното откривање и раниот третман во однос на промена на однесувањето, тренинг-учењата, психотерапијата и континуираното советување на родителите даваат можност за насочување на хиперактивното однесување во конструктивно и креативно однесување.

Автор: Санела Раичевиќ, дефектолог-логопед



912

X