Пред некој ден мајка ми дојде во мојот дом. Разговаравме за моите обврски. Јас и мојот сопруг од неодамна се обидуваме да ги натераме нашите деца да имаат повеќе задолженија, па разговаравме како одат работите. Во суштина, убедувањето на момчињата да извршуваат задолженија низ домот е како да се обидувате да ставите носорог во мало плакарче. Вистинска борба.

Мајка ми ни се смееше и ни раскажуваше како кога јас имав девет години, таа почна да ме тера да си ја перам облеката.

– Бев исцрпена самохрана мајка и еден ден одлучив дека ми е доста од перење. Ти реков: „Ако сакаш чиста облека, ќе мора сама да си ја переш“. И тоа беше тоа.

И навистина тоа беше тоа. Знам дека протестирав дента кога почнав сама да си ја перам облеката. Истото важеше и за дента кога ми беше кажано дека морам да ги мијам садовите секоја ноќ по вечерата (тогаш немавме машина за миење садови). И утрата кога морав сама да си приготвувам појадок. Или моментот кога ми беше кажано дека морам да приготвувам вечера.

Но, знам дека не постоеше избор за ова прашање. Мајка ми беше самохрана мајка и нашиот единствен старател во поголемиот дел од моето детство, а работеше полно работно време како наставничка. Едноставно немаше доволно време за мене и на сестра ми да ни даде можност да се одмориме и да не ги извршуваме обврските низ дома.

Мислам дека не го ценев целосно стресот што мајка ми го имала додека не станав мајка. Кога моите деца беа мали, дури и тоа што имам посветен и достапен сопруг не изгледаше како доволно за да успеам да управувам со сите работи. Сега моите деца се постари, па сепак постојат моменти кога едвај дишам.

Немам поим како мајка ми успеваше да ги заврши сите работи и како успеваше да ни обезбеди безусловна поддршка и љубов. Но, го правеше тоа. Затоа што беше неверојатна. И погодете што? Таа неверојатност ја пренесе и на мене.

Честопати размислувам за тоа како беше кога заминав од дома, кога се запишав на факултет. Веднаш ми беше јасно дека за разлика од моите врсници, немав проблем со одговорностите што ги носеше животот како возрасна личност. Додека некои од моите пријатели никогаш не переле облека, јас бев професионалец. Знаев да готвам, да чистам, да си го организирам животот и обврските, сè сама, без постојано поттикнување од родителите.

Уште од почетокот бев независна, се вработив на 18 години, сама се издржував и сама управував со студентскиот кредит. Не бев совршена во ништо од тоа и правев многу грешки, но немав проблем да ги преземам одговорностите во мојот живот кога имаше потреба.

Сето тоа за мене беше природно, по заслуга на мојата упорна и цврста мајка.

Знам дека мајка ми често се грижеше за животот што ни го обезбедуваше како самохрана мајка. Таа сакаше да имаме повеќе пари, повеќе време, поголема помош. Сакаше работите да се полесни за неа, за нас. Вината беше силна – и тоа го гледам и слушам и од моите пријателки што се самохрани мајки.

Иако се соочив со болка додека растев – од разводот на моите родители, битките за старателството и други работи, одгледувањето од страна на самохрана мајка не беше проблемот. Всушност, животот што ни го обезбеди мајка ми беше најстабилниот аспект во мојот живот.

На моменти сигурно беше хаотично и јас ги запоставував тие обврски, но мајка ми беше мојот камен. Мојот идол.

Сериозно, самохраните мајки се суперхерои. Поголемиот дел од времето ситуацијата во која се наоѓаат, подигнувајќи ги нивните деца сосема сами, не е нешто што би го избрале. Но, не дозволуваат тоа да ги спречи да бидат неверојатен родител, да се будат секој ден и да ги завршат работите и покрај нивната исцрпеност, и покрај нивните сомнежи и покрај моментите кога мислат дека не можат да продолжат.

Не го прават тоа само затоа што немаат друг избор. Го прават тоа затоа што ги сакаат своите деца повеќе од  што било. Го прават тоа затоа што поминале низ пекол и поради тоа искуство станале бестрашни.

Го гледам силниот дух на мајка ми во начинот на кој успевам да се соберам дури и во моите најтешки моменти. Мислев на мајка ми во годините по рецесијата кога нашето младо семејство се соочуваше со невработеност и недостиг на храна. Мислам на мајка ми додека се борам да работам и да ги подигнам моите деца и кога се обидувам да го одржувам мојот дом организиран и се прашувам како успевам да го направам сето тоа.

И потоа го правам. Секој ден. Затоа што така мајка ми ме подигна и ме воспита.

Автор: Венди Виснер



912

X