Секоја година генерациите се сѐ послаби. Мора нешто да се промени. Првиот проблем се новите технологии.

Ранко Рајовиќ вели дека детето не може да помине три часа пред екран и да се развива на нивото што се очекува за негова возраст. Како втор проблем го наведува недостигот на движење.

– Дете од шест или седум години дневно треба да оди 15 до 20 километри. Толку многу поминувавме кога бевме деца. Кое дете во градот поминува макар и 2-3 километри? А мозокот се развива токму преку движење – вели Рајовиќ, нагласувајќи дека покрај овие две причини – вишокот време пред екран и недостигот на движење, има и други, но во суштина овие две се најголемите виновници што генерациите секоја година стануваат сѐ послаби на сите полиња.

Тој апелира до родителите да ги носат децата во шумите и парковите, да ги остават да се качуваат по дрвја и да играат онака како што ние игравме кога бевме деца. „На детето не му требаат стотици активности, туку парк, шума и распуст на село.“

– Мораме да ги научиме децата да размислуваат. Тоа е единствената подготовка за иднината. Тие поминуваат пет часа дневно во училиште и за тоа време не треба да ги учат работите напамет, туку да учат да размислуваат. А за да го направат тоа, мора да се движат. Важна е улогата на градинките, училиштата и родителите. Важна е улогата на сите нас – објаснува Рајовиќ.

Рајовиќ напоменува дека проблемот што го имаат денешните деца, а ние како деца го немавме е хипервниманието.

– Децата учат пет-шест минути и не можат да продолжат, мора да се одморат. По паузата, повторно истото. А кога ќе им дадете видеоигра, може да играат и два часа. Ние имаме длабоко внимание и можеме да учиме два или три часа. Децата денес не можат да го направат тоа – вели тој.

На прашањето како да се промени тоа, Рајовиќ вели дека клучот е во нас, родителите, и времето што го поминуваме со нашите деца. Тој советува да се вклучат друштвени игри уште од мали нозе.

– Мораме да го научиме детето да совладува нешто со мозокот, а не да му даваме видеоигра во која се менуваат 1.000 слики и детето ја следи. Тоа не е природно – вели тој.

А што ако детето е веќе тинејџер, како да го промениме тоа?

Мора многу да разговараме, вели Рајовиќ, за да бараме нови методи.

– Родителите можат да се едуцираат. Сепак, полесно е децата да се фокусираат на физички активности порано и навреме да се држат подалеку од виртуелниот свет. Ако веќе се во тинејџерски години, потешко е, но не и невозможно. Потребни се многу разговор и трпение за да им се покаже дека има нешто надвор од виртуелниот свет – тврди Рајовиќ.

Тој додава и дека децата што се премногу фокусирани на виртуелниот свет се агресивни, несигурни и не можат да учат и поради тоа имаме двоен проблем.

Извор



912

X