Игротека

Прошетките за време на пандемијата ме направија подобар родител и партнер

Како и сите, Ковид-19 го преврти и нашиот свет наопаку. Мојот сопруг Брент почна да работи од дома, а децата да следат онлајн-настава, пишува мајка од Торонто, Канада.

Одеднаш домот стана пренатрупан и бучен. Како фриленс автор и уредник кој две децении работел во тивка просторија, сама по цел ден, оваа нова ситуација ми изгледа како злоупотреба на мојот простор. Но, мојата нова омилена активност за време на пандемија – прошетката – ми стана копче за ресетирање, кога стресот е на високо ниво. Не само што дневните прошетки го направија целото време полесно за менаџирање, туку станав и поблиска со партнерот и пораснав како родител, исто така.

Сега децата, кои имаат 12 и 14 години, се вратија со физичко присуство на училиште, а јас и сопругот можеме да ги реализираме овие прошетки заедно секое утро. Брент и јас го истражуваме нашиот град – Торонто и соседството и го доживуваме како одење до работа. Има патека од 1,5 километар зад нашиот дом, ретко гледаме некого по тој пат, што е подобро отколку да се движиме по тротоарите преполни со луѓе и кучиња, па затоа и можеме да се шетаме без маски на лицето.

Ги гледаме реновирањата во соседството, зборуваме за некои моменти од денот, зборуваме за предизвиците што ги имаме со децата и правиме планови за викендот. Исто така, сонуваме за времето кога ќе заврши целата оваа состојба. Свежиот воздух и физичката активност им даваат сила на нашите срца и умови да продолжат понатаму и да се соочат со секој следен ден. Овие прошетки ни го даваат и потребното време без децата – не само што можеме да разговараме за семејните работи, туку и разговараме како Брент и Кели, а не само како родители. А и ако се бориме со нешто како пар, одиме заедно и полесно ги започнуваме разговорите за решавање на нашите проблеми.
Во викендите обично прошетките траат подолго. Се радуваме што паркот е на еден километар оддалеченост, но исто така можеме и со автомобил да одиме во некој крај каде што не сме биле дотогаш. По паркирањето почнуваме со истражување и разгледување на соседството.

Понекогаш ги земаме и децата со нас. Ако едно од децата се чувствува анксиозно или фрустрирано за нешто, го охрабруваме да ни се приклучи. Тие секогаш одбиваат да поверуваат дека прошетката ќе помогне, но и покрај тоа, кога ќе се прошетаат и ќе се вратиме дома, се уверуваат дека интензитетот на нивните лоши чувства е намален. На прошетките се обидуваме да им кажеме на децата дека може да споделат сè што сакаат со нас – ние се обидуваме да слушаме. Често е тешко да се фокусирате на слушање и да не барате веднаш решение, но сфаќам дека понекогаш кога се обидуваме да направиме нешто, стресот е поголем, а тоа доведува до помалку споделување, па затоа вреди некогаш само да се слуша и да не се каже ништо.

Некогаш одам на прошетка сама, особено кога сум преморена од работа или окупирана со обврски. Не го земам телефонот со себе и одам претежно низ зеленилото во соседството. Еден пријател еднаш ме охрабри да се обидам со медитација кога сум анксиозна и иако никогаш не успеав да издржам со седечка медитација, сфаќам дека ова е еден вид одечка медитација која одлично влијае врз моето ментално здравје. Се фокусирам на моето дишење, ги следам чекорите.

Прошетката не може да ни ги реши сите проблеми, да нè врати на старото нормално, ниту да ни обезбеди имунитет против Ковид-19, но може да ни помогне во справувањето со сето тоа. Следниот пат кога ќе бидете изгубени и дезориентирани, препорачувам да излезете надвор и да ја ставате едната нога пред другата.

Автор: Кели Џонс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top