Знаете што?! Изгледа досега сме грешеле кога сме посакувале да видиме ѕвезда како паѓа за да си замислиме желба. Ѕвездите што паѓале не исполнувале желби… Напротив. Без да знаеме, со таа постапка сме го растажувале Ѕвездан.
Ѕвездан е едно несекојдневно момченце што живее во куќичка на една ѕвезда. И не треба да нè чуди како стигнал дури дотаму зашто тој е ѕвездено дете. За ние да уживаме во убавата ноќна глетка на небото се грижи токму Ѕвездан. Тој е мајстор за поправање ѕвезди пред прегорување. Е, сега, бидејќи ги има толку многу така што не знаеме да броиме до толкав број, Ѕвездан не стига до секоја разболена ѕвезда. Поради тоа, има и такви што не издржуваат и паѓаат. Можете да замислите колку тешко му паѓа тоа на Ѕвездан.


Но, тој е бистро дете и смислува генијална идеја…
Му текна како да ги спаси сите ѕвезди да не паднат. Ќе ги поврзува меѓусебно. И не само тоа – така поврзани, ѕвездите почнуваат да обликуваат уметнички форми и небото одеднаш станува ѕвездена галерија.
Ама, пак, нема кој друг освен Ѕвездан да ужива во таа глетка. Само кога би имало некој да им се восхитува на небесните чуда…
Погодете што!!! Ѕвездите за возврат му ја исполнуваат неговата желба.
Пловејќи со своето бротче од полумесечина, Ѕвездан здогледува заскитана ѕвезда. И почнува да весла накај неа. Весла, весла, весла…
Ха! Тоа не е ѕвезда?!
Тоа е нешто што ќе ви го открие оваа прекрасна сликовница.
Освен тоа, ќе ви открие како изгледаат најубавите нешта во животот: љубовта, грижата, другарството.
Ако мислевте дека тие се безлични – мислам дека треба да си го прочитате ова сликовно книже за да ве разубеди.
Откако ќе го направите тоа, сигурна сум дека „Ѕвездено дете“ ќе има почесно место во вашите библиотеки зашто е книга без рок на траење.
И другпат, кога ќе погледнете кон ѕвезденото небо, замислете си желба и мавнете му на Ѕвездан, а тој ќе ви одврати со некоја уметничка плетка од ѕвезди.



912

X