Бремени сте и тоа е прекрасно. Она што не е толку прекрасно е што околу вас одеднаш се создаде група од добронамерници со корисни (и не така корисни) совети. Особено ако ова ви е прва бременост. А она што е особено често – пријателки, соседи, мајки, свекрви (со чест на исклучоци), сакаат да ви ја раскажат нивната приказна за породувањето. Дури и ако е страшна. Неколку пати.

Ви поминуваат морници кога првпат ќе сфатите што значи епизиотомија, кога ќе се разбудите во ноќта размислувате за завиткана папочна врвца околу вратот на бебето (инаку многу често и не нужно загрижувачко сценарио) или на секој ултразвук сакате гинекологот да провери дали бебето е големо. Постои ли подобар начин за поминување на трудничките денови?

Постои. Немојте да слушате хорор-приказни за породувања, а еве и зошто.

1. Не ви носат ништо добро

„Гугл“ не е вашиот најдобар пријател кога ќе почнете да истражувате и читате стари форуми, како и „групите на мајките“ кои во себе не содржат смислени моделирани информации. Тие приказни најчесто не се целосни, а неискусните трудници ќе се фокусираат на најлошите делови.

Прераскажувањето на грозните детали без контекст, без целата приказна и разбирање на тоа што се случило не е информирање, туку застрашување. Бремените жени не треба да се плашат повеќе, туку помалку. Стравот создава напнатост (која во породувањето создава болка) и магичен круг кој води до искуство какво што не сакаме.

2. Не постојат две исти искуства

Секој има своја приказна. Тоа важи за секоја жена, но и за секое породување. Ако вашето прво породување поминало на одреден начин, не значи дека така ќе биде и вториот пат. Не постојат две исти приказни од породување. Тажните или страшните приказни се речиси секогаш гласни и оставаат силен впечаток, но повеќето бремености и породувања всушност поминуваат сосема нормално.

3. Се работи за нив, а не за вас

Пред сè, сфатете дека приказната што некој ви ја кажал е само негова страна. Перспективата од која е раскажана (особено ако носи некаква поука: секогаш направи ова/никогаш не прави тоа) е обоена со нивните искуства, нивните очекувања и најмногу, нивните разочарувања.

Жално е кога мајката има траума од искуството со породувањето. Тоа е нешто што треба да се лекува, но трудниците не се вистинската публика за тоа. Што можете да направите наместо тоа:

1. Кажете НЕ

На кој било начин. „Благодарам на советот, но се чувствувам лошо кога слушам грди приказни за породувањето. Може ли да ја промениме темата?“ „Може ли да те прекинам? Жал ми е што твоето искуство било лошо. Знам дека имаш најдобра намера, но негативните искуства дополнително ме оптоваруваат сега кога сум бремена“.

Кратко и јасно. Сите помагачи се најчесто добронамерни, но се и несвесни за влијанието што нивните зборови го имаат врз жената во многу чувствителен период. Тогаш сетилата на трудниците се изострени за подобро да го заштитат своето бебе. Тоа значи дека негативните искуства може да ги доживуваат подраматично.

2. Читајте и слушајте убави приказни од породувања

Читањето одбрани приказни не е носење розови очила. Тие приказни се реални и потребни бидејќи жените колективно заборавиле колку се силни и способни да го родат своето дете. Околу нас има безброј дезинформации за породувањето. Наместо тоа, во инспиративните приказни за женската сила можеме многу да научиме за породувањето и за своето тело. Жените отсекогаш раѓале и без некој да им каже како.

3. Отпуштете ги своите стравови

Сепак, до вас допрела некоја страшна приказна и некои детали ви останале во сеќавање.

Чувствувате тешкотија при самата помисла и се плашите дека ќе ви се случи истото. За почеток, прашајте се што можете да научите од приказната што сте ја чуле? Нормално е во бременоста да се крева прашина во најдлабоките делови од нашето битие: се појавуваат некои стари стравови, работи за кои сме мислеле дека сме ги оставиле во потсвеста, а повторно се појавуваат на површина. Добро е што некои од стравовите се појавуваат. Така полесно ќе ги отстраните. Кога се плашиме од одредени интервенции или сценарија, најчесто во заднина е нешто друго: страв од промена, губење контрола или сомнеж дали ќе бидеме доволно добри.



912

X