Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми ми кажа дека прави барикади и ѕид со бастун и со играчки за да се одбрани од свекрвата, ми вели: „Мамо, јас сега се бранам“. Дали има начин, постапка што може да ѝ помогне на ќерка ми кога ќе биде кај нив (кај свекрва ми), а особено кога е сама со свекрвата. Каков став да заземам, дали да ја учам ништо таму да не зборува, да не кажува, или да ја учам да ги сака и да ги прифати. Потоа, се плашам дека во моменти на нервоза правам грешки и ја оддалечувам од себе, како да изградам доверба и близок однос (кога ќе се налутам или изнервирам за нешто, кај неа гледам страв од казна и станува „тажен уплашен послушник“. Во нервозата знам да викам за грешката и да се тргнам јас или неа да ја тргам од себе, никогаш не ја тепам, не се заканувам). Ќерка ми е премногу уплашена дека ќе ја напуштам, и во неа не гледам слобода, постојано е на штрек, па во сите избори што ѝ ги нудам најчесто одбира со желба да ми угоди, а верувам и со маж ми и неговите дека е иста.
Во игрите со улоги, секогаш одбира човече што лошо ќе се однесува, некогаш ја прифаќам играта, некогаш ѝ викам дека јас сакам да играм со добро човече, но тогаш се лути и не сака да игра. Физички сме разделени со маж ми, но не сме разведени, немам поднесено тужба поради страв од реакциите и постапките на маж ми и неговите. Дали да останам во истиот град со маж ми и да продолжам да се борам, иако сè повеќе ми е тешко, немам сила и се фрустрирам или да се преселам во мојот град и таму сама да се снаоѓам. Не знам како тоа ќе го поднесе детето бидејќи сепак гледам дека татко ѝ ѝ недостига. Кога ќе се јави тој, ќерка ми сè му раскажува до детали, кога се јавувам јас додека е со него, ништо не ми раскажува, едвај два збора ќе каже. Какви последици ќе има ќерка ми поради овие 3 тешки години. Како да продолжам?


ОДГОВОР: Веќе подолго време се чувствувате исплашени, фрустрирани, немоќни, со намалени психо-физички сили за да ја одржите вашата емотивна состојба, за која многу е веројатно дека имате силна причина да се чувствувате вака, но причината за неа не се постапките и грешките на детето, туку грижи кои вас ве оптоваруваат наназад неколку години. Неисканализираните емоции ве прават раздразлива и нервозна, а на чувството на лутина вие реагирате со тоа што се тргате од вашата ќерка или неа ја тргате од себе. За тоа подоцна не зборувате и вашата ќерка создава убедувања дека ќе биде напуштена или отфрлена, што ја прави да биде уплашена и послушна. Тоа го блокира вашиот однос и начинот на комуникација со вашата ќерка.

Секогаш кога ќе имате некаква непријатна ситуација меѓу вас, добро е за тоа да разговарате подоцна, секоја од вас да каже на каков начин размислувала и како се чувствувала. Можете да си креирате ваша заедничка тетратка-емоции во која и двете ќе ги цртате вашите чувства. Многу е нормално таа да ве види тажна, исплашена, лута, среќна, но уште поважно е да види на каков начин се справувате со таквите чувства, што правите, како се однесувате кога ги чувствувате. Начинот пак на кој се однесува целото семејство кон детето го загрозува нејзиното чувство на безбедност и сигурност. За да почнете со разрешување на целосната семејна динамика и за да одредите на каков начин ќе се развива вашата ќерка, потребно е да ги обновите вашите сили, да побарате фамилијарна или стручна поддршка и да го разрешите вашиот партнерски статус со вашиот сопруг, со кој долго време сте физички разделени. Тоа ќе ви овозможи соработка со него, во која ќе се постават граници и правила на живеење. Детето ќе се адаптира кон новонастанатата ситуација и ќе продолжи да го сака својот татко, како и неговите блиски. Разрешувањето на вашиот брачен статус од аспект на помирување или разделба ќе создаде нови механизми во вас и нова перспектива за детето и целото семејство.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X