Светската здравствена организација (СЗО) објави нови препораки за здравјето на трудниците и на родилките, како и совети за намалување на непотребните медицински интервенции. Проценете сами дали овие совети се исти со оние што ви ги дале лекарите
Во текот на една година во целиот свет има околу 140 милиони породувања и најголемиот број од нив поминуваат во најдобар ред. Меѓутоа, медицинските лица во изминатите 20 години забележале голем пораст на интервенциите што порано се користеле само кога ќе настанеле компликации. Такви, на пример, се давање окситоцин кој го забрзува породувањето и царски рез.
Без лекови и операции ако породувањето тече нормално
„Сакаме жените да се породуваат во безбедно опкружување, во добро опремени родилишта и со врвно обучен персонал. Сепак, и покрај нашите предупредувања, бројот на природни породувања при кои е користена некаква интервенција или лекови е во постојан пораст“, вели д-р Принцес Нотемба Симелела, асистент-директор на Одделот за здравје на семејството, децата и адолесцентите при СЗО.
„Ако породувањето се одвива нормално и родилката и нејзиното бебе се во добра состојба, нема потреба од лекови или од хируршка интервенција“, додава докторката.
Породувањето е природен процес и во повеќето случаи завршува без компликации кај мајката и бебето. Сепак, истражувањата покажуваат дека константно расте бројот на здрави трудници што при породувањето земаат лекарства или им се врши некаква интервенција.
Одлична комуникација и загарантирана приватност
Новиот водич на СЗО од 2018 година вклучува 56 препораки кои произлегуваат од истражувањата, а се однесуваат на негата на жената и на бебето во текот и по породувањето.
Во препораките се вели дека во текот на породувањето родилката мора да има одлична комуникација со медицинскиот персонал и поддршка, како и загарантирана приватност. На жените мора да им се овозможи да одберат дали сакаат на породувањето да присуствува нивниот партнер, како и да ја одберат положбата во која ќе се породуваат.
Секое породување е различно
Во овој водич се истакнува дека секое породување е различно и дека должината на неговата активна фаза се разликува од жена до жена. Кај првото породување обично трае до 12 часа, а при секое наредно породување не трае подолго од 10. За да се намали бројот на непотребните медицински интервенции, во овој водич се наведува дека проширувањето на цервиксот од еден сантиметар на час можеби не е реално за некои жени и дека нема потреба породувањата во кои дилатацијата се одвива побавно да се прогласат за ризични.
Во новите препораки се нагласува дека побавната дилатација на цервиксот не значи дека на жената треба да ѝ се дадат средства за забрзување на породувањето.
„Повеќето жени претпочитаат природно породување без медицински интервенции“, вели Јан Аскев, директор на одделот за репродуктивно здравје при СЗО.
Тој додава дека и кога некоја медицинска интервенција е неопходна, жената мора да биде вклучена во донесувањето на одлуката.
„Наша мисија е сите жени да имаат позитивно породилно искуство“, вели Аскев.
Родилките мора да го добијат најдобриот третман
Непотребните интервенции во текот на породувањето се практика во сите држави на светот – и во богатите и во сиромашните.
Сѐ повеќе жени се породуваат во здравствени установи и сите тие заслужуваат квалитетна нега. Околу 830 жени во светот секој ден умираат поради компликации при породувањето, а повеќето смртни случаи може да се спречат со квалитетна нега во текот на бременоста и на породувањето.
Во многу здравствени установи во светот преовладува непочитување кон жените, со што се кршат основните човекови права и се спречуваат жените да донесуваат одлуки при нивното породување.
Здравствените работници мора да ги охрабруваат жените да се породат природно и во фокусот мора да бидат мајката и нејзиното бебе. Но, родилките мора да знаат и дека проодувањето може да биде ризично и непредвидливо и дека во одредени случаи медицинските интервенции се неопходни.
Izvor: www.who.int, yumama.com