Многу пати сум чула родители кои зборуваат дека нивното шестгодишно дете едноставно не сака да оди на спиење пред 22 или 23 часот. Тоа дете исто така би можело да не сака да јаде ништо освен сладолед, да не сака да ги измие забите, да не сака да го остави телефонот по 3 часа гледање во екранот. Па тоа, сепак, да се надеваме дека нема да му го дозволат.

Здравиот сон, оној од 21 до 7 часот, е многу важен. За растот, развојот, емоционалната стабилност, а влијае и врз расположението и способноста на детето да ги изврши сите активности што го чекаат во текот на денот. Затоа, ако детето легне во 22 часот, не очекувајте од него утрото да стане и да се облече без проблем, на училиште да биде концентрирано, а навечер дома добро расположено. Недостигот на квалитетен сон дефинитивно влијае врз здравјето на детето и добрата состојба. Еве кои се последиците ако детето легнува доцна или долго не може да заспие:

Влијание врз физичкиот и менталниот развој:

Помалку сон директно влијае врз учењето. Децата побавно ги усвојуваат новите содржини во периодот на остар когнитивен развој, што во подоцнежната возраст не може да се надомести.

Поврзаноста на сонот и дебелеењето:

Во САД од 70-тите години до денес дебелината кај децата е тројно позастапена. Брзата храна и недоволно физички активности секако влијаат врз телесната маса. Сепак, и недостигот на сон е еден од факторите:

– Тој директно влијае врз хормоните што го контролираат апетитот – грелин (кој го зголемува) и лептин (кој го намалува). Кога не спиеме доволно, нашето ниво на грелин расте, а нивото на лептин паѓа и стануваме „погладни“ – вели Б. Дејвид Браун, детски психолог специјализиран за нарушувањето на сонот.

Симптомите од неспиењето може да личат на АДХД

Детето што не спиело доволно страда од големи промени на расположението, раздразливост и не може да се фокусира.

– Гледаме некој вид хиперактивност кога децата се преморени – тврди Тери Крејл, здравствен работник за проблеми со спиењето од клиниката во Вашингтон. Со неа се согласува и Крег Канапари, вонреден професор по педијатрија на Универзитетот „Јејл“ и директор на разгранокот за спиење од Детскиот истражувачки центар на „Јејл“ – ненаспаните деца се однесуваат хиперактивно.

Други проблеми со недостигот на сон

Поради недоволно спиење, децата може да страдаат од анксиозност, депресија и заборавеност. Исто така, може да дојде и до пад на имунитетот. Овие деца се посклони на настинки, повисок крвен притисок, како и можност да се повредат. Недостигот на сон не е проблем кој може да се поправи за неколку дена. Еве предлог што треба да се менува за детето да го поврати уредниот сон:

– Изложете го на светлина во текот на денот колку што можете повеќе.

– Овозможете му повеќе движење и физичка вежба.

– Дајте му помалку време да поминува пред екранот. Особено е забрането да го користи мобилниот, компјутерот или ТВ пред спиење. Сината светлина од екранот го нарушува лачењето на мелатонинот, хормонот за сон. Д-р Браун вели дека има ист ефект врз нас како и црното кафе. Да заклучиме: 1-2 часа пред спиење нема екран во детската соба.

– Дајте и вие добар пример: не користете смарт-уреди во спалната соба.

– Направете добро опкружување за спиење: собата нека биде замрачена, со оптимална температура (ни премногу студено ни премногу топло), тивка, а креветот удобен.
– Воспоставете рутина за одењето во кревет која секогаш ќе биде иста. Детето може да ги избере пижамите (да има чувство дека и тоа за нешто се прашува кога се работи за одењето во кревет), но не може да влијае врз времето за одење во кревет.

Добра е практиката пред спиење секогаш да ги изведувате истите активности со истиот редослед: бањање, читање книги, па смирувачка музика. Има ефект и да ги раскажете случките од тој ден за кои детето треба да биде благодарно. Со ова асоцијацијата на спиење станува позитивна. Помалку од 5 отсто од децата навистина имаат нарушување на сонот. Сите други имаат недоволно добри организирани дневни активности. Некои деца имаат и премногу домашни задачи, а други стануваат прерано заради тренинг.

Уште едно добро решение би било и подоцна да почнуваат часовите на училиште, особено за адолесцентите, кои се биолошки програмирани подоцна да легнуваат. Но, на тоа родителите имаат мало влијание.

Автор: Мариа Милојковиќ



912

X