Совет за сите жени што првпат се бремени: заборавате на сето она што сте го виделе на телевизија и на филмовите во врска со породувањето. Повеќето породувања на екраните се многу поразлични отколку во реалноста и изгледаат навистина трауматично.

Реткост е медиумите да го прикажат породувањето како нешто што не е сериозен итен случај, кој може да предизвика смрт на новороденчето или мајката. Што друго би ја држело публиката на работ од седиштето? Поголемиот фокус е секогаш во насока на тоа како работите може да тргнат во лоша насока и колку болка има во целиот процес отколку да се обрне внимание на тоа какво неверојатно чудо изведува мајчиното тело.

Ова се седумте основни разлики помеѓу филмските и вистинските породувања.

1. Сцена: Воденикот ќе пукне и ќе ја поплави цела продавница

Повеќето женски ликови се наоѓаат на јавно место кога почнува породувањето. Воденикот пукнува на начин како да поминува ураган, а потоа започнува и поплава од поголеми размери. Идната мајка е во шок и сака што побрзо да стигне до болница, па се обидува инкогнито да ја напушти продавницата за никој да не ја забележи, оставајќи зад себе езеро. Во реалниот живот на 10 до 15 отсто од жените на кои им пукнал воденикот пред породувањето тоа го доживуваат во текот на ноќта или во раните утрински часови. Исто така, ретко, речиси никогаш не се работи за толкава количина на вода како што се прикажува во филмовите.

2. Сцена: Породилните болки веднаш се засилуваат

Воденикот пукнал, нема ни минута, а контракциите веќе стануваат прилично интензивни. Кутрата трудница се превиткува од болки додека се обидува да дојде до такси, па со раката цврсто го држи стомакот за бебето да не испадне. Во реалноста, породилните болки всушност најчесто започнуваат со претпородилни болки, кога жената може да чувствува грчеви, па дури и болки во грбот. Времето помеѓу породилните болки значително е подолго, нередовно, а не на секои неколку секунди. Контракциите и не се толку интензивни. Дури и кога нивната појава се зачестува и тие ќе станат поинтензивни, и понатаму постои своевидно растојание помеѓу трудовите болки.

3. Сцена: Брзо, бебето доаѓа!

Породилните болки започнале, сега настанува паника како навреме да се стигне до болница која е многу оддалечена, а времето е, се разбира, во најлошиот сообраќаен метеж. Кој и да е во друштво на бремената жена, партнерот, член на семејството или возбуден таксист, сите се однесуваат како бебето да ќе излезе за минути или две. Црвените светла не го спречуваат автомобилот брзо да се движи над дозволената брзина само за да не се роди кутрото дете на задното седиште. Во реалниот живот породилните болки и породувањето траат со часови.

Окситоцинот, хормонот одговорен за контракциите, почнува со време да се засилува. На самиот почеток од појавата на болките интервалот помеѓу нив може да биде и до еден час. Во повеќето болници не им се советува на идните мајки да доаѓаат пред интервалот меѓу контракциите да биде пет минути. Ја знаете ли причината? Наводно преместувањето во нов простор може да ја зголеми количината на адреналин што ќе ги забави трудовите.

4. Сцена: Лежечко породување

Мајката успешно стигнува во болницата, за среќа навреме. Лежи на болнички кревет или е малку свртена, а нозете ѝ се наместени на држачи на креветот. Дури и кога имаме шанса во филмот да гледаме жена како се породува во воз или некаде во џунгла, таа задолжително лежи.

Практиката на лежечки трудници е воведена во родилиштата некаде во 17 век само затоа што на лекарите таа положба им била полесна за работа. Во реалниот живот, сите знаеме дека лежењето не е најдобрата положба за преживување на трудовите, туку идните мајки се поттикнуваат на шетање и раздвижување. Исто така, сè повеќе се поттикнуваат попрактични и помалку болни положби за раѓање, како на стол, во клекната положба, во вода, па дури и исправено.

5. Сцена: Најголемиот дел од породувањето е туркање

Мајката, откако стигнала во болницата, е во совршена положба: целосно е отворена, болките се сè почести, таа има виолетово лице, грчевито го фаќа мажот за рака и вреска, тоа е тоа. Туркај, туркај, само туркај! Колку пати сме го виделе и чуле тоа? Во реалноста жените, особено оние што раѓаат првпат, не се породуваат за 15 минути, ниту се отворени 10 сантиметри кога ќе стигнат во болницата. Најчесто сето тоа се сведува на 10, па дури и 12 часа породување. Исто така, туркањето од лежечка позиција е спротивно на гравитацијата.

6. Сцена: Викање на партнерот

Вознемирената мајка вреска на цел глас. Вели дека сака нешто за болка, а болката е неиздржлива. Главен виновник за тоа секогаш е малку збунетиот партнер. Персоналот тогаш ја презема главната улога, а таткото обично трпи напади стоејќи настрана, како тивка, но и малку непожелна поддршка. Барем како таков е прикажан. Денес жените се малку проактивни и подобро организирани, па точно знаат кого и зошто го сакаат покрај себе на породувањето. Со партнерите ги поминуваат породилните курсеви, а сè поголем број од нив се одлучуваат и за стручни лица.

7. Сцена: На бебето му треба помош

Последните моменти пред породувањето неретко се исполнети со неизвесност, а знае да се случи цртичката на апаратот кој ги покажува виталните знаци на бебето едноставно да полуди. Животот на бебето е во опасност! Настанува трка, мајката турка додека очите не ѝ паднат, а лекарот со апаратите кои не можеме ниту да ги видиме тргнува во интервенција и спас. Додека бебето го носат на другиот крај од собата да го измијат, мајката е облеана во пот…

Реалност: Последните моменти од породувањето навистина се напнати бидејќи едвај се чека да се запознае бебето. Ако е потребна некоја интервенција, лекарот и соработниците главно се договараат околу техниките што на бебето ќе му предизвикаат што помалку траума. Жените исто така денес обрнуваат големо внимание на контактот кожа на кожа и сакаат веднаш по породувањето да поминат време со своето бебенце.

Автор: Сем Мекулок



912

X