Емоционалната злоупотреба е концепт кој денес многу се теоретизира. Досега сте имале можност да прочитате што претставува емоционална злоупотреба и кои се нејзините главни карактеристики. Да не должам, повеќе би сакала да ви го претставам искуството на една девојка која претрпе разни облици на емоционална злоупотреба во својот дом, бидејќи верувам дека искуственото толкување често е многу попродуктивно од која било теоретска анализа.

Станува збор за девојчето Ема, кое дури по долги години ваков третман почна да се „буди“ и да ги гледа сите нелогичности во постапките на нејзините родители. Кога конечно ја решила целата загатка, останала со чувството дека посакувала да можела да чита за туѓото слично искуство тогаш, како дете. Затоа таа одлучи да ни го подари своето искуство од прва рака.

Започнува вака:

– Често посакувам да можам да патувам назад во времето и да ја убедам помладата верзија од себеси дека нејзините емоции се валидни и дека била во право за толку многу работи што во тоа време не можела ни целосно да ги разбере.

Кога сте дете или тинејџер, многу е тешко да откриете каков е приватниот живот на вашите врсници и нивните родители, па немате начин да го споредите вашиот живот со ништо. Особено отежнувачка околност е ако во ваша близина немате возрасен човек на кој можете да му се доверите. Сепак, дури и кога имате, ситуацијата е таква што возрасните не дозволуваат перцепцијата на децата за нивните родители да влијае врз нивната (обично продолжуваат да ги перципираат вашите родители на ист начин како и пред вашиот опис). Се прашувате зошто е тоа така? Еве зошто.

Вашите родители веројатно се однесуваат сосема поинаку кога се сами со вас!

Ова донекаде важи за сите родители, а не само за оние што емоционално ги злоупотребуваат своите деца. Често можете да видите како родител вреска, но во моментот кога ќе му заѕвони телефонот, тој престанува. Во секој случај, не е во ред вашите родители да не се толку среќни и пријателски расположени кога се само со вас како што се кога сте опкружени со други луѓе! Ова е една од работите што тешко можете да ја забележите кај родителите на вашите врсници (бидејќи не знаете какви се сами со своите деца), па децата имаат тенденција да го нормализираат сето она што го доживуваат за време на нивното растење (тие веруваат дека нивните пријателите дома исто така се изложени на слично малтретирање и дека тоа е нормално).

Родителите можат емотивно да ве злоупотребуваат и истовремено да прават убави работи

Никој не е целосно добар или целосно лош. Само затоа што понекогаш се добри со вас, тоа не треба да го негира фактот дека доживувате многу негативни емоции. Татко ми, на пример, ми даваше пари да тренирам кој било спорт затоа што сакаше да посетува натпревари, но затоа не даваше пари за храна, облека, лекови итн. Заклучокот е дека треба да чувствуваме благодарност за сето добро што ни го направиле нашите родители, но тоа не смее да го избрише или поништи лошото.

Луѓето секогаш коментираат позитивно

Иако моите родители починаа пред три години, јас сè уште го слушам истото. Верзијата на вашите родители што ја гледате веројатно не е верзијата што ја гледаат другите луѓе; туѓата верзија е обично многу попозитивна. Да бидам искрена, би било премногу мачно на секој што дава позитивен коментар секогаш да му ја објаснувате целата ситуација што сте ја доживеале, па затоа најдобро е да се подготвите дека секогаш ќе има такви коментари и дека не треба да им обрнувате многу внимание. Оставете ги или сменете ја темата. Многу е полошо кога очекувате сите да разберат, да веруваат и да сочувствуваат со она низ што сте поминале, особено што многумина нема да го сторат тоа.

Обидете се да се потсетите на сè што е неприфатливо

Неприфатливо е вашите родители да ве понижуваат или исмејуваат!
Неприфатливо е вашите родители да ве запоставуваат физички или психички!
Неприфатливо е родителот да ве користи во своите аргументи против другиот родител, ниту да ве обвинува дека повеќе го сакате едниот родител!
Неприфатливо е вашите родители постојано да ве обвинуваат за работи што не сте ги направиле и да не слушаат што имате да кажете во ваша одбрана!
Неприфатливо е родителите да не ве сфаќаат сериозно кога сакате да кажете нешто за вашите мисли или чувства!
Неприфатливо е вашите родители да одбиваат да ви дадат храна или облека, или да ве условуваат за тоа или да велат дека ништо друго не заслужувате затоа што ви обезбедиле покрив над глава, храна и основна облека!

Физичкото малтретирање не е единствениот вид родителска злоупотреба

Оваа тема е нешто што долго време влијаеше врз мојата перцепција за моето растење. Дури и кога сфатив дека емоционалното злоупотребување е вистинска и валидна работа, често се фаќав себеси како размислувам дека не треба да се жалам бидејќи физичкото малтретирање е многу полоша работа. Дури сега сфатив дека цела деценија страдам од анксиозност, депресија и посттрауматско растројство без воопшто да го знам тоа; емоционалната злоупотреба е вистинска, валидна и може да влијае врз нашите животи исто толку негативно колку и физичката злоупотреба.

Можеби твоите родители се ментално болни

Се разбира, можеби и не се. Што се однесува до мене, јас бев воспитана од двајца родители кои имаа неколку непризнаени дијагнози. За жал, ова е нешто што децата не можат да го разберат со годините, па дури и кога ќе стигнат до точка каде што можат, сепак продолжува да биде многу токсично. Тоа е нешто што е тешко да се разбере и да се прифати додека целосно не се отстраните од таква навредлива ситуација. Ако вашиот родител има официјална дијагноза, може да ви помогне додека сте уште под тој покрив ако се информирате како таа конкретна дијагноза влијае врз неговото однесување. Може да ви биде корисно неговото однесување да го направите помалку ирационално и попредвидливо, но немојте да го правите поприфатливо за вас! Учењето за дијагнозите на моите родители ми расчисти многу работи, но тоа сепак не ги оправдува нивните реакции. Тоа е исто како да се обидувате да откриете зошто вашиот автомобил испушта густ чад. Може да најдете причини зошто се случува тоа, но сепак тоа не го прави вашиот автомобил безбеден за возење.

Не дозволувајте да верувате дека го заслужувате нивното малтретирање

Вие не заслужувате. Кога сте дете или тинејџер, многу е лесно да се претпостави дека вашите родители се однесуваат кон вас на одреден начин затоа што сте таква личност или така се однесувате, и следствено, ако ве запостават, верувате дека тоа е затоа што сте лоша личност. Вие сте некој што заслужува да биде сакан, разбран, слушан и сфатен сериозно. Не заслужувате да бидете навредувани, исмејувани или запоставени на кој било начин.

Сосема е природно да се чувствуваат негативните ефекти од растењето со родител кој емотивно навредува

Ако не сте развиле ментално растројство и по неколку години од оваа ситуација, тоа е добро. Ако сте развиле, тоа е сосема разбирливо и 100 отсто е во ред. Не негирајте ги сопствените психолошки или физички проблеми и не занемарувајте го вашето здравје. Дури и да не сте развиле некое нарушување, големи се шансите дека сепак ќе ги чувствувате негативните последици од ваквото растење и дека постојано ќе морате да се одучувате од нездравите работи што ви биле кажани и правени. Во одреден момент ќе имате можност да започнете одново и да се грижите за себе, затоа погрижете се вашите потреби да бидат приоритет и да се однесувате кон себе подобро отколку некогаш.

Ја напишав оваа статија имајќи го на ум моето помладо јас и се надевам дека ќе го најде својот пат до барем една личност во слична ситуација и ќе ја поттикне да верува и да се цени себеси.

Автор: Ема Дурошер
Извор



912

X