Зад совршените семејни фотографии на друштвените мрежи, насмевката и радоста што ја носат децата, како навистина може да изгледа мајчинството? Сосема искрено за тоа проговорила Кејт Дајсон, мајка на три деца.

Фотографијата кажува илјада зборови, а фотографијата на мајката Кејт Дајсон зборува сè за предизвиците на мајчинството, кои понекогаш знаат да бидат премногу. По непроспиена ноќ, Кејт своето искуство го споделила со други мајки во група на „Фејсбук“, каде што мајките меѓусебно си даваат поддршка и го делат сето она убаво и не толку убаво од мајчинството.

Покрај својата фотографија, Кејт напишала:

Фото: „Фејсбук“/Кејт Дајсон

„Ова е мајчинство.

Ова е будење четири пати во ноќта. Ова е избивање на првите заби. Ова е тело кое боли. Ова е кавга со своето петгодишно дете околу тоа кои чорапи треба да ги облече на училиштен излет. Ова е вежбање текст за настап пред одделението со најстарото дете, одново и одново. Ова е грижа дали опремата за физичко е подготвена, униформата испеглана, чевлите таму каде што би требало да бидат.

Ова се мачките што ми се вртат околу нога, барајќи да ги нахранам, пред да си ги измијам забите. Ова е потреба за уринирање без публика. Ова е очајна потреба за кафе. Ова е организирање појадок и барање каша (немаме каша) и испади на бес поради намазот на леб (немаме ни намаз). Ова е бебе што се покакало по целиот кревет. Ова е потреба да се легне за да се намали чувството на паника, а не можеш тоа да го направиш бидејќи креветот се суши по инцидентот.
Ова е лежење во текот на ноќта додека сум будна само за да имам неколку моменти за себе и за своите мисли. Ова е чувството на жалење кое се јавува веднаш што ќе го слушнам првиот шум, по 20 минути откако сум затворила очи.

Ова е трчање кон училиштето за да го видам лицето на учителот кој вели „по ѓаволите, секогаш во последна минута“, додека се смешка и ја држи вратата. Ова е предавање на чантата и сфаќање дека и покрај твојот најголем труд, си заборавила на снимката од читањето. Ова е бакнеж во лицето на своите девојчиња и шепотење „толку ми е жал, многу ве сакам, ви посакувам прекрасен ден“, надевајќи се дека нема да мислат на својата неспособна мајка кога ќе одат кон училницата. Ова е ветувањето на слатките подоцна, со кои ќе им се оддолжам што викав утрото.

Ова е доаѓање дома по одвезувањето на децата во училиште и стругање на остатокот од изметот од чаршафите. Ова е монотонија на мајката која останува дома со своите деца. Ова е испраќање порака на мажот денес да дојде дома веднаш по работа, бидејќи сте дошле до границата на издржливоста. Ова е попис на сите работи во домот и сфаќање дека ќе бидете единствениот човек што ќе ги сработи. Ова е гледање во лицето на вашето бебе кое плаче зашто не сфаќа зошто мама е толку тажна. Ова е чувство на тегоба кое расте и ве стега во грлото сè додека не помине нападот на паника. Ова е задишано лице кое лежи на софата додека бебето гледа од својата лежалка со широко отворени, исплашени очи.

Ова е потреба за воздишка, длабока воздишка, знаејќи дека нема да ја има. Ова е да знаете дека ако поспиете подоцна, сè ќе ве чека кога ќе се разбудите, како планина што расте. Ова е седење во друга соба за да побегнете од себеси и сфаќање дека не можете да побегнете од сопствените мисли. Ова е да знаете дека денес ќе трае уште барем десет часа. Ова е константно чувство на страв дека постпородилната депресија ќе се врати. Ова е смирување на паниката. Ова е дозволување музиката да те „прекрие“ додека бебето спие и додека се надеваш дека утре ќе биде подобро. Ова е кога повторно ќе се кренеш и ќе продолжиш понатаму.

Ова е мајчинството“.



912

X