Удирањето деца, дури и кога е „само малку по задникот“, дури и кога тоа е оправдано како воспитна метода, па дури и кога родителот е убеден дека не е лут, туку смирен затоа што детето ја надминало секоја мерка, е штетно за детето, се согласуваат експертите. И не, пароли како „и мене ме тепаа, па што ми фали“ не се аргументи.
Не само што ќе пораснат во луѓе со полош темперамент и поголема склони кон анксиозност, туку можат и да заостанат во најраното детство во клучните развојни чекори.
Децата доцнат во клучните развојни чекори
Една нова студија, предводена од Доналд и Барбара Цукер од Медицинскиот факултет Хофстра/Нортвел, откри уште една негативна врска помеѓу физичкото казнување во детството и подоцнежниот развој. Поточно, колку повеќе е физички казнувано детето, толку е поголема веројатноста тоа да заостане во развојот. Доцнењето во развојот се јавува кога децата не достигнуваат одредени развојни чекори како што се одење, зборување, пишување, критичко размислување, расудување, социјален развој и емоционално изразување.
Иако тие варираат, развојниот чекор го претставува она што повеќето деца можат да го направат до таа возраст. На пример, до 12 месеци бебето треба да може да седи без помош, да оди држејќи се за мебелот и да одговора со „не“.

Најмногу доцни говорот
Овој труд посочува дека физичкото казнување се чини дека ги одложува клучните развојни чекори. Студијата се фокусирала на 74 пара старатели, од кои сите присуствувале на клиника за следење на растот во Ла Романа, град во Доминиканската Република. Тие потоа биле оценети со користење релативно нова алатка за процена на развојот на Малави, или MDAT (англ. Malawi Development Assessment Tool), сеопфатна алатка дизајнирана да го процени развојот на децата во земјите во развој.
Тимот открил дека најмалку две третини од децата – на возраст од пет или помали – доцнеле барем во една развојна област, без разлика дали се работи за социјални, когнитивни, моторни вештини и така натаму. На прашањето за формите на казнување и дисциплина, околу 44 отсто од испитаниците одговориле дека користеле тепање; 43,2 отсто рекле дека им викале на децата. Тимот открил дека и двете се поврзани со заостанување во развојот.
– Во нашата студија доцнењето на говорот и социокогнитивните одложувања беа почести кај децата што беа казнувани за недолично однесување со тепање или навреда – забележуваат авторите во нивната студија. Врската помеѓу јазикот и тепањето се чинеше дека е особено силна; децата казнети со тепање имале петпати поголема веројатност да доживеат некаков вид доцнење во говорот.
Толку многу докази, но практиката не престанува
– Овие наоди се додаваат на зголемениот број докази дека грубото родителство, вклучително и тепањето, е потенцијално штетно – вели професорот Џеф Темпл, директор за истражување на здравјето и однесувањето на Медицинскиот огранок на Универзитетот во Тексас, кој не бил вклучен во студијата.
Тој посочува дека, според природата на работите, методологијата на ваквото истражување тешко може да ја одвои кокошката од јајцето, односно може да има „трета променлива“ која придонела за почесто физичко казнување и доцнење во развојот.
– Како и да е, наодите од студијата сè уште се „конзистентни со сè што е познато бидејќи физичкото казнување е поврзано со негативни исходи – и згора на тоа, знаеме дека тоа не функционира – заклучува тој.
Ова е, всушност, само една студија меѓу мноштвото слични студии што даваат докази дека физичкото казнување е исклучително штетно.
Пред неколку години сеопфатен преглед на четиридецениско истражување на оваа тема откри дека тепањето го забавува когнитивниот развој, доведува до асоцијално однесување и многу повеќе. Една студија од 2009 година дури го поврза строгото физичко казнување кај младите со намалени нивоа на сива материја во мозокот.