Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам девојче од 4 години и помало машко дете од една година. Девојчето во последно време е премногу нервозно, само плаче, вреска кога не е по нејзино, треска врати, бунтовна е. Пробав на секаков начин, и со добро, со зборување, но никако да почне да ме слуша. Навистина не знам како да постапам повеќе. Таа отсекогаш беше темпераментна и немирна, ама откако доби братче, се смени. Прво не покажуваше, а сега е понервозна, се сомневам дека е од љубомора… Затоа што кога не е со мене, кога е кај бабите, сосема друго дете е – мирно и послушно. Мислам дека мене ми љубомори и на татка со, а и поради короната не оди во градинка и мислам дека ѝ е досадно дома, иако ја носам во парк, игротеки… На нејзината нервоза некогаш добро реагирам, ѝ кажува дека не е добро така, некогаш ја карам, ама нема никаква реакција. Исто така, станува нервозна ако не ѝ се исполни барањето и желбата, почнува да вика, да вреска.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, верувам дека е тешко да се носите со бурните емоции и однесување на вашето дете. Наша задача како родители е да му помогнеме, покажеме и да го насочиме детето како најдобро и најлесно да ги задоволи своите потреби на прифатлив начин.

Ако сакаме да го запреме нервозното и агресивно однесување, треба да престанеме да се фокусираме на агресивното однесување и да одговориме на чувствата на детето. Неискажаните страв, несигурност и фрустрација имаат тенденција да предизвикаат желба кај детето да биде деструктивно или агресивно.

Доста често децата под 10 години покажуваат љубомора и различни реакции кога добиваат братче или сестра, но тие не се лоши, непослушни или себични, во исто време се соочуваат со многу големи чувства, рутински промени и веројатно се прашуваат дали ќе бидат одбиени или сепак сакани од родителите.

Разбирливо е родителите да имаат надеж и визија за среќни деца полни со љубов кога доаѓа новото бебе, но сепак тоа е процес кој бара поголем напор за поврзување на постарото дете со новото братче или сестра, приспособување на родителите, а од друга страна, да се обезбеди дисциплина кон постарото дете додека продолжуваат заедно да растат.

Секое дете има внатрешен инстинкт да биде заштитено и да се чувствува сигурно со родителите, т.е. ги чува родителите за себе, а како дел од љубомората е и стравот од губење на безрезервната љубов, како: „Дали го сака бебето повеќе од мене? Тоа ми ја зеде мајка ми, таа не доаѓа кај мене кога ми треба“…

Бидејќи велите дека кај баба и дедо е умна и послушна, а таму го нема братчето… можно е да покажува љубомора кога е дома, да бара ваше внимание, а исто така може и да е и лута на вас. Нема поголемо барање внимание од бунтовноста, тоа е повик „Види ме мене!“

На децата им се потребни љубов, емпатија и дисциплина во исто време. Потребно е да почувствуваат дека сме ги разбрале, па поради тоа, кога е лута и вреска, кажете: „Ти се налути поради…; Тажна си бидејќи…; Се налути и ја тресна вратата, но рековме дека кога сме лути, вратата и работите околу нас не се удираат или трескаат…; Во ред е да си лута, но не може сега да одиме надвор…“ Потоа прегрнете ја, кажете ѝ дека сте тука за неа и дека многу ја сакате, дека таа е вашата мила и добра ќерка и дека сте секогаш тука за неа.

Единствен начин да се смири детето е да се чувствува разбрано и кога му се признаваат и препознаваат чувствата.

Ако одговориме само на агресијата или им кажеме да се смират, им покажуваме дека не ги разбираме или прифаќаме нивните чувства, а тоа може да направи агресијата да биде уште побурна. На пример, кога велите: „Не фрлај…!“, таа сигурно посилно и појако ќе фрла.

Затоа е важно на детето да му се пренесе пораката: „Те прифаќам, те разбирам, но твоето однесување не е во ред“.

Во ситуации кои се вака бурни и изненадувачки родителите инстинктивно влегуваат во еден вид дуел со детето, но останете смирени, дишете длабоко и потсетете се дека на вашето дете му е тешко.

Кога ќе му покажеме дека го разбираме, ние всушност му помагаме да ги регулира (смири) своите јаки чувства, а бидејќи под лутината се наоѓаат навистина големи чувства, треба да плаче, колку повеќе плаче, толку подобро.

Направете посебно време за неа (читајте, гответе заедно) покажувајте повеќе љубов, прифаќање, благодарност. Негувајте го чувството на топлина и приврзаност и нека знае дека, без оглед на сè, таа е специјалното девојче во семејството. Поставете правила и граници и бидете доследни во тоа, тогаш детето се чувствува безбедно, но исто така дозволете му да има слобода и чувство да може да одбира. Срдечен поздрав.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X