Услугите во Центарот за рана интервенција се бесплатни

Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и британската амбасада, од август 2019 започна со реализација на проектот Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства, чија главна цел беше обезбедување услуги во заедницата на деца со попреченост и нивните семејства преку воспоставување нови форми на услуги – рана интервенција за деца со попреченост од 0 до 6 години и психо-социјална поддршка на нивните родители/старатели.

Како дел од проектните активности, а со поддршка и од Град Скопје, кој го обезбеди просторот, во март 2020 година во централното градско подрачје на Скопје се отвори Центар за рана интервенција и поддршка на семејствата, кој е наменет за деца од 0 до 6 години кај кои се забележуваат доцнења во развојот и/или попреченост. Во Центарот стручна поддршка даваат неколку стручни лица кои, откако ќе извршат процена на потребите на децата за рехабилитација, како и процена на потребите на семејството за поддршка, креираат индивидуални планови за самото дете, како и план за поддршка на целото семејство.

Услугите во Центарот за рана интервенција се бесплатни.


Во реализацијата на индивидуалните третмани и интервенции на децата задолжително се вклучени и родителите. Всушност, раната интервенција подразбира соработка помеѓу професионалците и семејствата на децата со развојни отстапувања, со цел да се подобри функционирањето на детето, неговото учество во семејството и пошироката околина. Овие интервенции се насочени кон детскиот развој, но истовремено интервенциите се базираат на потребите и грижите што ги има семејството.

Генерално, раната интервенција овозможува децата да добијат специјализирана поддршка и услуги кои го стимулираат нивниот развој, преку реализација на активности за развој на вештини, способности и компетенции и создавање средина во која ќе се чувствуваат безбедно и сигурно.

Покрај директните интервенции насочени кон децата, во Центарот интензивно се работи и со родителите преку едукација, советодавна работа и поддршка, со цел да ги развијат сопствените капацитети за да можат да обезбедат когнитивно, стимулирачко и емоционално поддржувачко опкружување со фокус кон промовирање позитивни социјални и емоционални интеракции помеѓу родителите и децата, со што би се подобрила партиципацијата на децата во семејствата, но и во поширокото опкружување, односно во заедницата.

Во Центарот работи обучен мултидисциплинарен тим составен од специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, физиотерапевт и психолог-психотерапевт, кои применуваат трансдисциплинарен пристап. Трансдисциплинарниот пристап е новина во работењето со деца со попреченост и нивните семејства, од причина што во нашата земја досега не бил дел од праксата во доменот на раната интервенција. Овој пристап се базира на тимско работење помеѓу повеќе стручни лица од различни профили, но услугата на рана интервенција и поддршката на семејството ја дава примарен давател на услугата, односно едно стручно лице кое може најдобро да ги пресретне потребите на детето и неговото семејство. Сепак, во случај да е потребно, покрај примарниот давател на услугата, на пример специјалниот едукатор, во третманите може повремено да се вклучи и друго стручно лице, на пример логопед.

Поради пандемијата на коронавирусот, раководниот тим на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори му предложи на УНИЦЕФ дека покрај функционирањето на Центарот, кое поради новонастанатата состојба мораше да функционира под видоизменети околности и со поинаков режим на работење, потребно е да се развие онлајн-платформа за давање услуги на рана интервенција и поддршка на родителите, а особено поради фактот што таква платформа во нашата земја не постоеше.

Развојот на онлајн-услугата на рана интервенција настана, од една страна, поради потребата да им се понуди потребната поддршка и да се продолжи во континуитет со интервенциите кај децата со попреченост и нивните семејства и во време на здравствена криза, а од друга страна, поради тоа што голем број семејства на деца со развојни задоцнувања, или попреченост не можеле да користат услуги за рана интервенција и поддршка. Некои од овие семејства живеат во заедници каде што овие услуги воопшто не се развиени, додека некои семејства ваквите услуги не можеле да си ги дозволат поради високата цена на чинење на истите.

Платформата www.ranaintervencija.mk е достапна за поширока целна група, на национално ниво, а сите содржини се на македонски и на албански јазик. Taa овозможува на сигурен и безбеден начин, во комоцијата на својот дом, семејството да добива насоки и под стручен надзор да ги применува интервенциите врз своето дете.
На платформата може да се најдат различни содржини (текстови, фотографии, презентации, видеа) преку кои се поттикнува развојот на децата преку добивање персонализирани услуги. Платформата е креирана така што има главен дел кој е достапен за сите посетители, а на кој може да се најдат информации за развојните постигањата кај типични деца на возраст од 0 до 6 години, со цел стекнување увид во компетенциите кои детето од таа возраст треба да ги има развиено.

Развојните отстапувања се евидентираат во првите години од животот на детето и токму тогаш е најпотребно да се дејствува со цел оптимизирање на развојот, или минимализирање на развојните отстапувања. Дополнително на платформата можат да се најдат предлози за стимулации преку кои се поттикнуваат различните развојни области, односно за стратегии за работа со деца со различни видови попречености, објаснувања на различни пристапи и методи на работа со деца со попреченост, како и совети за родителите.

Исто така, платформата нуди персонализирани услуги на рана интервенција. За да се добие индивидуализирана поддршка и интервенции, потребно е да се регистрира детето од страна на родителот/старателот и по регистрацијата ќе биде формиран персонализиран профил до кој пристап ќе имаат родителите на детето и стручното лице кое ќе биде давател на онлајн-услугата на рана интервенција. На овие персонализирани профили се поставуваат содржини, совети и насоки за интервенции согласно потребите на детето и неговото семејство. Специјализираната онлајн-услуга обезбедува директна помош и поддршка на децата со попреченост и нивните семејства, како и индивидуално следење, на систематски и добро структуриран и планиран начин.



912

X