Воспитување

Однесете го детето на театар – потсетување на одговорноста на возрасните

За време на пандемијата, кога сите културни содржини замреа, театарот си го преместивме дома. Син ми ни подготвуваше необични претстави со уште понеобични имиња, вели Анита Бошкова-Доковска

Весна Дамчевска

Меѓународното здружение АСИТЕЖ деновиве го одбележа Светскиот ден на театарот за деца и младинци – 20 Март, на кој се нагласи важноста на театарската уметност за најмладите, особено оваа година за време на сѐ уште актуелната пандемска криза и разорувањата на војната. Во традиционалната порака од претседателката на мрежата, Сју Гилс од Австралија, се порачува: Однесете го детето во театар! Ова воедно е потсетување на одговорноста на возрасните да им овозможат на децата и младите да ја искусат уметноста од порана возраст.

– Носењето на детето на театар значи поврзување со жива изведба, идеи и емоции, врски меѓу човечките суштества, а исто така значи негување на правото на децата и младите на уметност, култура и слобода на самоизразување. Многу е важно да се слушаат децата и младите, а уште поважно е да ги слушнете и да ја прифатите потребата за промени – вели Сју Гилс, цитирајќи го Манифестот на оваа организација, дека во светот треба многу повеќе да се направи за да се исполнат обврските поврзани со Конвенцијата на ОН за правата на детето.

– Ова е особено случај во светлината на актуелната пандемија, воените кризи што се случуваат во толку многу земји во светот, како и итната потреба за еднаквост и еднакви можности за секое дете да живее во одржлив, безбеден и здрав свет. Уметноста и културата ни даваат можност да го замислиме светот што сакаме да го создадеме за нашите деца, оттука тие се клучни додека работиме да обезбедиме подобри услови за општеството во кое живееме – вели Гилс.

Потенцирајќи дека ова е време кога театарот и изведбите во живо се повеќе од неопходни како потврда дека имагинацијата може да го победи стравот, таа посочи дека ова е време кога храброста и убедувањето на уметниците што создаваат театар и претстави за младата публика низ светот може да помогнат да се создаде простор за ослободување, катарза и изразување радост на децата и младите, каде и да се.

– Децата и младите ги чувствуваат последиците од недоволната социјализацијата, самодовербата и надежта и тоа остава длабока трага врз нивното ментално здравје, носителите на одлуки од сите страни треба да слушаат и да обрнуваат внимание. На нашата млада публика ѝ треба уметност, култура, театар, повеќе од кога било досега; овие клучни искуства го отвораат патот, нудат пошироки перспективи. Тоа се искуства што му даваат значење на хаотичниот свет и нѐ потсетуваат на блискоста на целото човештво – вели Су Гилс.

Театарот е бесценет миг што мораме да им го подариме на децата

Анита Бошкова-Доковска, историчар на уметност, инаку мајка на исклучително креативно седумгодишно дете што го обожава театарот, го споделува своето лично искуство.

– За време на пандемијата, кога сите културни содржини замреа на неодредено време, театарот си го преместивме дома. Син ми ни подготвуваше необични претстави со уште понеобични имиња, „Приказна за нинџата со чудна рака и едно чудовиште скроз лошо, полошо и од тоа ептен лошото“ или „Темнината и огнените змејови“ – претстава со кукли од картон што ги смислил, нацртал и исекол самиот, направил импровизирана сценографија од картонски кутии, додал звучни и светлосни ефекти, користејќи звучни/музички сликовници и обична батериска ламба, и влезници, секако. Сето тоа рачно изработено, со употреба на многу малку материјали/реквизити и бескрајна фантазија. Претстава со сите нишани. Премиерата – распродадена! (во кругот на семејството). Еуфоричната публика го испрати детесаурус од сцената со овации долги 3 минути – раскажува Анита.

Според неа, театарот ги обединува речиси сите уметности, нуди аудио-визуелни сензации, ги ангажира и стимулира сите сетила, ја поттикнува детската игра и фантазија, ја буди нивната креативност и имагинација и отвора еден прекрасен, волшебен свет каде што сѐ е возможно.

– Во тој чудесен свет, надвор од реалноста, детето може да се идентификува со разновидни ликови и преку нив да го толкува и запознава светот околу себе, да ги манифестира и артикулира своите сопствени мисли и чувства. Одењето на театар, посетата на изложби, концерти и други културни содржини од мали нозе е исклучително важно за развојот на децата, за формирање на нивниот светоглед, чувство за естетика, критичко размислување – вели таа.

Театарот за деца и младинци, како единствен национален театар, нуди одлична продукција од овој вид, а во градов постојат и уште неколку помали, алтернативни театри, сите оригинални и посебни на свој начин, но тоа секако не е доволно.

– Ако сакаме да го негуваме/развиваме театарскиот дух и да создаваме едуцирана театарска публика, треба да се овозможи и поддржи постоење на разновидни форми на театарска уметност – куклен театар, театар на сенки, интерактивен театар со репертоар приспособен за разни возрасти. Театри, театарски фестивали и културни центри да никнат низ цела земја, достапни за сите деца, оти децата го имаат тоа право. Кога ќе се изгаснат светлата и кога ќе се подигне театарската завеса – започнува магијата, озарените детски лица и можноста да запловат во една нова, поинаква реалност се бесценет миг што можеме и мораме да им го подариме – вели Бошкова-Доковска.

Децата се идната возрасна публика на современиот театар

Иванка Апостолова – ликовен антрополог, креативен продуцент, визуелен драматург, посочува дека децата се сегашната публика на детските претстави и идната возрасна публика на современиот театар кај нас и во светот.

– Ако се прават искрени, инспиративни, навистина супер добри-одлични-фасцинантни, издржани, длабоко креативни, досетливи, темелно изработени и со јасна идеа театарски претстави – од современо класични до експериментални и иновативни – театарот никогаш нема да ја изгуби својата публика и секогаш ќе генерира нова публика – вели Апостолова.

Бистра Георгиева, авторка на сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“, инаку раководител на канцеларијата МЕДИА Деск МК на Креативна Европа, смета дека е многу важно децата да се носат на театар.

– Но, она што е поважно е претставата да не заврши во театарот. Разговорите за гледаната претстава, приказните околу театарот, глумците, костимите, музиката, сето тоа треба да се негува и одржува. И дома и во училиште. Така единствено ќе се доживува и развива вистинската љубов кон театарот, филмот, книгата…- вели Георгиева.

На Светскиот ден на театарот за деца и младинци, илјадници театри и поединечни членови, собрани во повеќе од 85 национални центри на АСИТЕЖ низ светот, читаа пораки од почитувани уметници и преку специјално подготвени програми го привлекуваат вниманието на културната и пошироката јавност кон театарот, значењето на театарската култура за младите и нејзиното влијание во растењето, образованието и воспитувањето на новите генерации. Одбележувањето на овој ден е дел од повеќегодишната кампања на оваа организација под мотото „Однесете го детето на театар“, започната во 2012 година. Оваа едноставна и јасна порака ги повикува родителите, наставниците, педагозите и сите што се грижат за децата да им овозможат да го остварат своето право на уметничко искуство не само на овој ден, туку и во текот на целата година.

Фото: приватна архива

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top