Родителите знаат дека само ако станат пред нивните деца, имаат малку време кога нема да го слушнат зборот мама или тато по илјада пати. Пиете кафе зјапајќи во една точка, а тишината ви ја гали душата. Таа тишина ја вдишувате длабоко, како свеж планински воздух затоа што знаете дека трае кратко и ќе ја доживеете повторно дури вечерта, откако децата ќе заспијат.

Размислувате за денешните обврски, за тоа што ќе правите за ручек, кое дете на какви активности е, кога е рокот да платите нешто, дали сте ги средиле алиштата…

– Мамо!

– Добро утро, душо. Дали се наспа?

– Да. Каде ми се чорапите?

– Во втората фиока, каде што секогаш се наоѓаат.

– Мамо! И јас се разбудив.

– Добро утро и тебе. Чорапите ти се во втората фиока, кажи му на брат ти дека чорапите му се во втората фиока.

– Добро утро, мамо. Каде ми е сината маица?

– Добро утро, сине. Маицата се пере. Земи друга.

– Мамо! Што мислиш, зошто пастата за заби излегува во три бои како српското знаме? Дали ова е српска паста за заби?

– Мислам дека ја направиле така за да биде позабавна. Сакале да се разликуваат од конкуренцијата.

– Мамо, што е конкуренција? Ми го нема другиот чорап.

Конкуренција е… како го нема чорапот, синоќа ги ставив двата заедно. Еве сендвич за на училиште и овошје, спакувајте ги, да не ја најдам храната низ дома потоа.

– Мамо, дали ова е свинска салама? Ако е свинска, во ред е. Ако е од крава, тогаш нема да ја јадам. Јас ги сакам кравите. Мамо, дали постои виолетова крава како во рекламата?

– Во сендвичите има мисиркина шунка, во ред е тоа?

– Кутрата мисирка, имала мајка и деца, па ја убиле и направиле од неа салама за на училиште.

– Можеш да ја оплакуваш цел одмор или да јадеш јаболко, тоа немало мајка.

– Мамо, дали баба е постара од тебе?

– Е баш ти фала, постара е, затоа е и баба.

– Мамо…

– Оди и прашај го татко ти нешто.

– Тато вели дека ти сè најдобро знаеш и дека треба да те прашаме тебе. Дали знаеш каде ми се патиките за физичко?

– Патиките се во жолтата кеса под прозорецот.

– Мамо, има една кеса од десната страна, но не е жолта.

– Заминувам, не чекам никого, ќе задоцните.

– Мамо, наставничката рече да дојдеш. А мајката на Ања рече да испратиш пари за 8 Март за наставничката. И глина ни треба за ликовно.

– Мамо, ми треба агломер, шестар и фломастери.

– Одете. Влегувајте еден по еден во автомобилот.

– Мамо, може да го отворам прозорецот? Лошо ми е.

– Отвори го.

– Мамо, можеш да ни ја пуштиш нашата песна до училиште?

– Можам, еве пуштам.

– Мамо, зошто мачките се проколнати?

– Мачките не се проколнати. Мачките се мачки, животни како и сите други. Тоа што некои мислат дека црните мачки носат лоша среќа е чисто суеверие… А суеверие е кога веруваш дека одредени работи, суштества, предмети, настани ти носат лоша среќа. Тоа е глупост.

– Мамо, дали ова дрвце само никнало или некој го посадил?

– Го посадил човек за да ја разубави околината и да има повеќе кислород (сфаќам дека предизвикав уште повеќе прашања).

– Мамо, ако нема кислород, ќе умреме?

– Да, но тоа е невозможно да се случи, затоа не грижи се, нема да умреме.

– А ако умреме, ќе нè изедат бубачки и дождовни црви?

– Па, знаете како изгледа свежата банана, но ако стои долго, станува кафеава и скапува.

– Бљак. Јас ќе бидам убава и кога ќе умрам.

– А да ја смените темата? Дали некој од вас има симпатија?

– Мамо, Стефан ме замоли да се омажам за него на сред час.

– Леле, мислев дека сте во фаза на споменар, а вие сте биле сериозни.

– Мамо, не сакам да се омажам ни за него ни за кој било.

– Тогаш немој. Рано ти е.

– Мамо, немам симпатии. Во мене никој не е заљубен.

– Полека, ќерко, сè во свое време.

– Мамо, не сакам некој да ме бакнува в уста.

– Никој нема да те бакне в уста додека не му дозволиш. И ќе му дозволиш кога ќе пораснеш и ќе ти се допадне.

– Бљак. Никогаш нема да ми се допадне.

– Мамо, заборавив блок по ликовно и опрема по физичко.

– Ќе си добиеш единица по ликовно и физичко. Ти реков да ги земеш.

– Мамо, дали ме сакаш?

– Те сакам најмногу на светот и до крајот на вселената и назад.

– Јас те сакам повеќе.

– И јас те сакам.

– Јас те сакам најмногу.

– Ајде деца на училиште, излезете полека еден по еден. Земете си ги работите од автомобилот.

Чао мамо, чао!

Мавтам со насмевка. Знам дека наскоро ќе се вратам дома во мојот фриленсерски рај полн со тишина, со свежо сварено кафе. Скрив и парче торта само за себе. Нема да почнам со работа веднаш. Ќе молчам половина час. Ќе ги слушам птиците, ќе го галам кучето, ќе си ги лакирам ноктите. Имам уште четири часа додека копчето „мама“ повторно не се активира. Тоа време е драгоцено, лековито, инспиративно. За тоа време ќе правам што сакам. Никогаш нема да знаат дека танцувам на музика пред огледало, се мачкам со кал по лицето и телото, имам енормно долги телефонски разговори со кумата или се враќам в кревет и читам книга. Тие четири часа трае мојот бал и јас им се радувам секое утро.

Автор: Сања Тодоровиќ

Извор



912

X