Депресијата обично се врзува само за возрасните лица, а не и за децата. Меѓутоа, и малите можат да бидат депресивни, дури и бебињата, но кај нив таа состојба поинаку се манифестира, па често останува непрепознаена. Педијатрите и општите лекари, кои најчесто се во контакт со децата и родителите, често не ја препознаваат депресијата кај децата и адолесцентите.

Детскиот психијатар проф. Милица Пејовиќ-Милованчевиќ од Србија вели дека депресијата кај децата има различен облик при појавувањето отколку кај возрасните. Таа многу тешка состојба за поединецот, кај возрасните е проследена со губиток на енергија, интерес, работен елан, нерасположение, соматски болки, а кај децата со лутина и бес, како и иритација.

– Сите тие симптоми ги има и детето, но за разлика од возрасните кои се повлекуваат, децата со таквата состојба се борат со нервоза, иритација и лутина. Тоа кај нив се препознава како безобразие, невоспитаност, а тие всушност се борат против сопственото лошо чувство – наведува докторката.

Непрепознаената депресија може да доведе до многу тешка состојба, па дури и да заврши со самоубиство. Веднаш по сообраќајните несреќи, водечка причина за смртност кај децата и младите е самоубиството.

– Имавме деца што се обиделе да се самоубијат на осум години. Некои деца извршиле самоубиство пред десеттата година од животот. Тие имаат јасни причини поради кои се обиделе да го направат тоа или го направиле – тоа е незадоволство од училиштето, родителите, односите со врсниците – вели Пејовиќ-Милованчевиќ.

Црните мисли кај децата треба да ги запалат алармите за тревога кај родителите, дека постои проблем со менталното здравје и дека треба да побараат помош. Пејовиќ-Милованчевиќ појаснува дека самоповредувањето или обидот за самоубиство е знак за сериозно страдање на младиот човек, кое не е препознаено навреме.

Од една страна, има сè повеќе млади на кои им е потребна помош од психијатар, а од друга страна, во соседна Србија има релативно малку специјалисти што се занимаваат со таа проблематика. Со детска психијатрија во целата земја се занимаваат 40 до 50 лекари, а постои потреба за двојно поголем број.

– Министерството за здравје го препознало проблемот и сè повеќе се одобруваат специјализации по детска психијатрија. Моментално на обука се 10 до 15 лекари, но потребите се големи – вели проф. Милица Пејовиќ-Милованчевиќ.

Извор



912

X