Мала е веројатноста бебињата што се доени или се хранат со мешавина од адаптирано млеко и мајчино млеко во првите шест до осум недели од животот да имаат тешкотии со учењето или да имаат посебни образовни потреби подоцна во животот, покажува студија со која не се согласуваат сите експерти.

Истражувањето спроведено од Универзитетот во Глазгов, објавено во списанието „Плос медицин“, испитувало податоци за 190.000 деца. Целта била подобро да се разбере влијанието на исхраната во најраната возраст врз подоцнежниот развој на детето. Резултатите покажале дека доењето во првите неколку недели од животот го намалува ризикот од развој на посебни образовни потреби кај децата.

Критики на студијата: Недостигаат другите фактори поврзани со посебните образовни потреби

Д-р Мајкл Флеминг од Универзитетот во Глазгов, кој ја водел студијата, изјавил: „Знаеме дека многу жени се мачат со доењето во препорачаните први шест месеци од животот на детето, но нашето истражување посочува дека начинот на кој се храни доенчето може да влијае врз неговиот развој подоцна во животот.“

Коментирајќи ја студијата, д-р Дања Глејзер, професор гостин на Универзитетскиот колеџ во Лондон, верува дека корелацијата не е причинско-последична. Покрај отсуството на доење, постојат и други фактори поврзани со подоцнежните посебни образовни потреби на детето, како што е нискиот социо-економски статус, кој е поврзан со здравствени проблеми, а ова истражување не го зеде предвид тој фактор.

Поради ова, некои експерти ја критикувале методологијата на студијата тврдејќи дека испраќа „навредлива“ и „бескорисна“ порака до мајките.

„Оваа студија имплицира дека тешкотиите со кои се соочуваат мајките на деца со посебни образовни потреби може да се должат на начинот на кој тие ги хранеле своите деца уште од рана возраст“, ​​истакнала Клер Марфи, извршен директор на добротворната организација за женско здравје „БРАС“.

Реалноста е многу посложена

„Реалноста е многу посложена. Со сведување на сето тоа на изборот на исхрана, се испраќа навредлива и некорисна порака до мајките. Затоа, предупредуваме дека резултатите од оваа студија треба да се гледаат со претпазливост“.

Д-р Рози Мекни, коосновач на добротворната организација за исхрана на доенчиња „Фид“, се согласува со Марфи.

„Сметаме дека оваа студија е контроверзна. Знаеме дека образовните потреби на децата се совпаѓаат со образовните потреби на нивните родители и нивниот социо-економски статус и родителите често немаат контрола врз тоа, но оваа студија не го зеде предвид тој фундаментален концепт. Во еден дел, тоа е така затоа што во базите на податоци што се користат за истражување на исхраната на доенчињата недостигаат некои исклучително важни информации“.

Насоките на Светската здравствена организација се бебињата да се дојат во првите шест месеци. Но, многу млади мајки се соочуваат со проблемот исклучиво да дојат дете на оваа возраст.

Истражување спроведено во Шкотска

Истражувачите ги разгледале податоците за здравјето и образованието на 191.745 деца родени во Шкотска од 2004 година досега. Во истражувањето вклучиле и податоци за тоа кое од децата посетувало посебни образовни установи во периодот од 2009 до 2013 година.

Меѓу учесниците во студијата, 66,2 отсто од децата биле хранети со адаптирано млеко, 25,3 отсто биле доени, а само во 8,5 отсто од случаите доењето било комбинирано со адаптирано млеко, во првите шест до осум недели. Севкупно, 12,1 отсто од децата вклучени во студијата подоцна имале посебни образовни потреби.

Научниците го споредиле начинот на исхрана на доенчињата со ризикот од развој на посебни образовни потреби подоцна во животот. Се покажало дека постои 10 отсто помал ризик од развој на посебни образовни потреби подоцна во животот кај децата што се доени и децата кај кои било комбинирано доење и адаптирано млеко на најрана возраст, во споредба со децата што од најрана возраст биле подложени на адаптирано млеко.

Децата што биле исклучиво доени, исто така биле помалку склони кон емоционални или развојни тешкотии (околу 20 проценти) и други здравствени проблеми (околу 25 проценти).

Кај децата со посебни образовни потреби во просек е забележан понизок степен на образование, поголема стапка на отсуства и исклучување од училиште. Сето тоа дополнително влијаело врз нивното физичко и психичко здравје и благосостојба.

Извор



912

X