однесување Прашај психолог

Носи само две фустанчиња и едни искинати пижами, па кога ќе ѝ кажеме да облече нешто друго, се нервира и вика… Како да постапиме?

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 4 години и 4 месеци и во последно време многу е нервозна, сѐ ѝ пречи. Не оди во градинка, туку седи со баба ѝ дома, па не се дружи со други деца, ни кога сме надвор или во игротека кога одиме на роденден. Во последно време почна да се соблекува гола и така седи. Носи само две фустанчиња и едни искинати пижами, кога ќе ѝ споменеме да облече нешто друго, одма се нервира и почнува да вика. Не знам како да постапиме (има братче од 3 години).

ОДГОВОР: Вашето девојче е во многу важна фаза од развојот. Во овој период децата почнуваат интензивно да го истражуваат својот идентитет, своето тело, границите и односите со возрасните. Сето тоа се случува преку игра и различни експресии, а често во форми кои изгледаат „чудни“ или некако „неконтролирани“ за нас, возрасните.

Бидејќи девојчето не оди во градинка и поголем дел од денот го поминува со баба, значи дека има помала можност да се социјализира, да се конфронтира со други деца и да научи да ги регулира емоциите во контакт со врсниците. Светот е на некој начин ограничен и таа ги изразува своите потреби преку телото и облеката, и тоа е нејзин начин да каже: „Јас решавам што ќе облечам, јас контролирам нешто што е мое.“

Поради тоа и соблекувањето и одбивањето да се облече најчесто е знак за потврдување на својата автономија. Формирањето на своето „Јас“ и потребата да има контрола над своето тело и одлуките е здрав дел од развојот.

Поради тоа. бидете смирени и наместо со сила „облечи го ова веднаш“ и да ѝ се наметнува облека, понудете избор: „Сакаш да избереш сама? Добро, ајде да избереме заедно.“ „Одбери од твоите блузи што ќе облечеш, во пижами не може да се седи цел ден?“ Знам дека ти е полесно вака, но мораме малку да се облечеме за да не ни биде ладно.“ Давајте ѝ избор зашто тоа ѝ дава чувство на контрола.

Вклучете ја во секојдневни активности каде што може да се почувствува важна и способна (на пр., нека избере облека за братчето, нека помогне при подготвување нешто). Пофалувајте ја за она што го работи. Одржувајте дневна рутина и структура: станува, се мие, се облекува, јаде, оди надвор итн., да има ред и структура, а со тоа и граници. Од друга страна, понекогаш кога гледате дека сака нешто поинаку (на пр., сака да биде во фустанчињата), доволно е ништо да не кажете, да ѝ дозволите да истражува за да ја почувствува сопствената автономија. На некој начин тоа е балансирање со нејзина потврда на автономијата и полека ваши интервенции со граници и доследност.

Постојано зборувајте и рефлектирајте ги чувствата: кога е лута, тажна, среќна, нервозна, кажете: „Гледам дека сега си лута бидејќи….“ Би било добро доколку сте во можност да ја вклучите во некоја група на деца или да организирате разни средби со други деца.

Обрнете внимание и вие и баба, кога сте загрижени или фрустрирани, збунети, таа ќе ја апсорбира таа енергија и ќе ја покаже преку нејзиното однесување, бидејќи децата во оваа возраст буквално ја чувствуваат емоционалната состојба на родителите и оние што се грижат за нив.

Развојот на детето никогаш не е линеарен. Тој е полн со мали турбуленции, отпори и периоди на несигурност. Ваша задача како родители не е да го спречите секој немир, туку да го придружувате и да бидете стабилна точка околу која детето може да ја гради својата сигурност.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top