Драги другарчиња,

Пред неколку дена, односно на 23 април, книгата го прослави својот приближно 4000-ти роденден. Да, да… Постојат докази дека првиот пишан споменик во светската книжевност се појавил токму тогаш. Но, луѓето и пред тоа наоѓале начини да им пренесат некоја приказна на идните генерации. Некогаш дури користеле и сликовно писмо, само за да ги изразат своите чувства и визии.

Наскоро кај нас ќе се случи вториот празник на нашата најверна пријателка – книгата. За неколку дена почнува Саемот на книгата, збиралиште на сите книгољупци и вљубеници во читачката авантура. Сигурна сум дека сте возбудени колку мене. Моето доживување за саемот е како да присуствувам во „Дизниленд“, а секоја другарка-книга е една лего-коцка која ни помага да ги изградиме најубавите замоци на нашата фантазија.

Книгата е и огледало што со секое погледнување во него – си се чиниме попријатни за гледање. Тоа е една неверојатна состојба на допаѓање… кога ќе прочитаме нешто паметно и ќе кимнеме со главата за одобрување зашто и ние мислиме исто… или ќе се изнасмееме на некоја досетка и ќе си речеме: „Ова можам некогаш да ѝ го кажам на другарка ми Марија кога ќе сака да ме задева…“, па и да просолзиме поради тагата на детенцето од приказната со кое сме се спријателиле читајќи ја книгата, и да си ветиме дека ќе бидеме витези на среќата и дека ниедно дете нема да дозволиме повеќе да плаче освен од радост (правда за солзите радосници!!!).

Дојдете на овие празнични денови и обидете се да ја најдете својата омилена книга… Дојдете и да се запознаеме, да ми кажете што ве возбудило последно од тоа што сте го прочитале. Дојдете и да си ги размениме омилените четива, да си поразговараме и да другаруваме. Таму некаде сигурно се наоѓа таа лего-коцка што ни недостига за нашиот совршен замок.

Со љубов,
Вашата Бисера



912

X