Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 14 години. Пред една година му купивме компјутер за да може дома да игра со другарите бидејќи одеше по играчниците и плаќаше. Имам некаква контрола да ограничувам по колку време да игра, ако ме изнервира, му го земам рутерот. Но, почна преку цела ноќ да седи на телефон. Преку ден спие, а ноќе седи до пет сабајле. Беше многу послушен, не ми се спротивставуваше, не зборуваше вулгарно. Сега со играта „Фортнајт“ се смени многу. Дали има некој да ја забрани оваа игра оти децава се изгубија со неа? Станаа зависни од неа. Кога ќе му го побарам телефонот, никако не ми го дава, а јас не сакам да бидам насилна, на таков начин да му го земам. Мојата мајка беше наставничка и јас сум воспитана поинаку, а не како сегашниве деца. Ние имавме страв и почит кон нашите родители, а овие деца се роботи на новата технологија. Губам контрола над моите деца. И средното почнува како брат му, а има 11 години. Ве молам за помош бидејќи многу се нервирам.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Како што и самата наведувате, вашиот син имал интерес кон играње игри, како и поголем дел од неговите врсници. Секое време на живеење си носи сопствена динамика и предизвици со кои како родители се соочуваме, многу често дијаметрално различни од оние предизвици со кои се соочувале нашите родители. Меѓугенерацискиот јаз може само да придонесе за поголемо оддалечување и посилен отпор кон правилата што вие се обидувате да ги воспоставите, а се во насока на негова заштита.

Од тоа што го имате наведено во вашето прашање може да забележам дека се менува само формата, но не и содржината на проблемот со кој се соочувате. Кога го кажувам ова, мислам на ограничувањето на одење по играчници кое го компензирате со купување компјутер дома со цел да го контролирате, но сега овој процес има една друга динамика – седи на телефон цела вечер кога ќе му го прекинете интернетот.

Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт

Пораката што ви ја праќа вашиот син е: „Не можеш да ме ограничиш ако јас не го дозволам тоа“. Многу е значаен односот што сте го имале претходно, за кој јас немам информација. Важен е и начинот на кој ги поставувате границите и ги дисциплинирате децата. Ригидно поставени правила без да бидат вклучени децата многу е веројатно дека ќе ги игнорираат и нема да ги почитуваат бидејќи не се дел од процесот на донесување одлука. Во периодот на адолесценција и најмирните „послушни“ деца се бунтовни. Децата сакаат да воспоставуваат ред и свои правила во согласност со нивните моментални приоритети, без да имаа лична одговорност за последиците. Доколку ги вклучите како активни чинители во согласност со нивните капацитети при донесување некои одлуки, можете при неисполнување на договореното да ги повикате на одговорност, бидејќи не исполнуваат нешто што самите го креирале.

Дополнително, зависноста од видеоигри е сериозен проблем кој децата нема да го препознаат. Тука сте вие како родител да му укажете преку разговор, повикувајќи го на одговорност, првенствено за сопственото здравје. Треба да видите што му е потребно на детето, како сака да го користи слободното време без да му се скратува правото на избор. Да се вклучи во спортски активности, да најде некое хоби. Иако сега е време на пандемија и вистина е дека некои од активностите не можат да се реализираат, сепак, разгледајте заеднички некои можности што се нудат, на пр., курсеви, работилници на различни теми итн. Организирајте го времето така што да поминувате што повеќе заедно како семејство. Не станува збор за начинот на кој ќе го ограничите детето да има пристап до интернет, туку како вие да бидете партнери во овој процес со цел да го научите да ја користи технологијата разумно.

Ограничувањето за кое вие веќе имате искуство само дополнително создава бес и лутина и нема никаков корективен ефект. Разговарајте отворено за тоа што ве загрижува, зборувајте за игрите кои ги игра, што всушност учи од нив и зошто му се значајни. Покажете разбирање за него. Научете го сам да си поставува граници, зголемувајќи му ја свесноста преку релевантни податоци кои во себе ги содржат позитивните и негативните аспекти од користењето на технологијата. Доколку увидите дека нема промени и детето станува анксиозно, има проблеми со спиењето, променета е исхраната, отсутно е, не може да одговори на училишните задачи итн., консултирајте психолог или психотерапевт.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X