Ким Џон Пејн е педагог и автор на книгата „Едноставно родителство“, во која опишува како современиот начин на воспитување на децата доведува до психолошки проблеми, од кои најраспространет е т.н. АДХД или нарушување со хиперактивност и дефицит на внимание.

Да се ​​каже дека АДХД е секогаш резултат на начинот на живот и воспитувањето, би значело да се обвинат родителите и да се препоедностави ова прилично сложено нарушување. Но, резултатите добиени преку истражувањето на Пејн кажуваат дека сепак влијанието на начинот на живот и воспитувањето врз дијагнозата со АДХД е огромно.

Имено, Пејн направил експеримент на група деца на кои им е дијагностициран АДХД. Едноставен експеримент. Сè што направил е всушност да им го олесни животот. Резултатите што ги добил на овој начин биле подобри од оние добиени со користењето лекови. Дури 68 отсто од децата ги изгубиле симптомите, а забележано е подобрување на академските перформанси за 37 отсто.

Пејн дошол до заклучок дека децата ги трпат последиците од преоптоварување на нивните животи со различни стимули, благодарение на неговото искуство во бегалските кампови во Џакарта, Индонезија. Таму имал можност да ги види симптомите на посттрауматскиот стрес кај децата – тие биле нервозни, премногу чувствителни на дразби и бегале од сѐ што било ново и непознато. Кога подоцна се вратил во Англија и отворил приватна ординација, сфатил дека многу деца што доаѓаат кај него ги имаат истите симптоми како децата од воените зони!

Четирите „премногу“ против кои треба да се бориме

Тој заклучил дека иако се безбедни во физичка смисла, овие деца живеат во „ментална“ воена зона, каде што постојано трпат напади од стравовите, желбите и амбициите на нивните родители. Во нивните животи имало премногу од сешто, што предизвикало „кумулативна стресна реакција“, еден вид одбранбен механизам.

Современите деца се изложени на поплава од информации кои не се во состојба да ги обработат или разберат. Тие растат побрзо, исто како и нашите очекувања.

Родителите го сакаат само најдоброто за своето дете. Го запишуваат на безброј активности – фудбал, часови по музика, борачки вештини, балет… Времето им е испланирано, а календарот им е пренатрупан. Нивниот животен простор е преполн со едукативни книги, уреди и играчки.

Просечното дете во западните земји има над 150 играчки и добива околу 70 нови годишно. Тоа е заслепено од толку многу бои и преплавено со избори. Затоа неговата игра е површна и не може да фантазира. Не добило шанса да научи. Во својата книга, Пејн ги охрабрува родителите да го намалат бројот на играчки што ги имаат нивните деца за конечно да можат да се заиграат.

Четирите „премногу“ против кои треба да се бориме се: премногу предмети, премногу избори, премногу податоци и премногу брзина, објаснува тој.

Кога децата се преоптоварени, немаат време за размислување, истражување или опуштање. Тие стануваат несреќни. Немаат време едноставно да се „досадуваат“ и да ги организираат своите мисли и впечатоци.

На модерното општество му се случи ефектот наречен „варена жаба“ – незабележливо на децата им го одзедовме детството и ги принудивме нивните незрели мозоци да се борат со постојаното забрзување на животот.

Научете да кажувате НЕ

Развојниот психолог Дејвид Елкинд вели дека децата губат 12 часа од слободното време неделно, во последните две децении. Дури и децата од предучилишна возраст се пренасочени од игра во учење. Организираните спортови стануваат нивна единствена физичка активност, а се покажало дека ја убиваат креативноста кај младите, бидејќи им го одземаат слободното време.

Што можат да направат родителите за да ги заштитат своите деца од новите „стандарди“, наметнати од современото општество?

Едноставно кажете НЕ. Ако не научите да кажувате НЕ, ќе го жртвувате вашето дете на олтарот на модерниот тренд со натрупување на животот со предмети, обврски, потреби, амбиции.

„НЕ, Петра не може да дојде на роденден овој викенд“. „НЕ, не му треба друг автомобил со далечински управувач“. „НЕ, нема да оди на бесплатната креативна работилница во среда“. „НЕ, не може да стигне на вежбање во недела“.

Само така ќе се изборите за тоа драгоцено слободно време без наметнати обврски и ќе му дадете мир на вашето дете во овој хаотичен свет. На овој начин, децата ќе можат да се опуштат и да закрепнат од сите дразби на современиот свет, кои секојдневно им се наметнуваат. Така, детството конечно ќе ја исполни својата цел и ќе му обезбеди на детето безбедно засолниште за раст и развој.

Мора да станете нивен филтер. Целиот живот е пред нив и ќе има време за сѐ, освен за повторно да бидат деца.

Извор



912

X