Веќе сме го сфатиле она што Фројд одамна го рекол: „Детето е татко на човекот“. Моделите и начините на однесување што им ги даваме на децата уште во раното детство ги формираат идните возрасни луѓе. Ако нашето дете го воспитуваме така што тоа нема да ги крева своите играчки само, нема да ја мие својата чинија бидејќи е момче, или се смееме на пцостите што некаде ги слушнало нашето девојче… тогаш не можеме од еден тинејџер да очекуваме да има изградени работни навики или да се жалиме што нашето девојче нема „дамски манири“.

Воспитувањето не е момент. И не е временски ограничено. Воспитувањето е процес кој се одвива попатно. Низ работата, училиштето, играта, бањањето, подготвувањето храна…

Денес со воспитувањето и дисциплината се врзуваат различни атрибути, на пример, позитивно, спротивното од тоа веројатно е негативно. Не сум сигурна што сето тоа значи за родителите. Веројатно дополнителен притисок. Негрижливите родители нема ниту да ги земат предвид овие термини. Но, затоа оние одговорните, кои се грижат за воспитувањето на своето дете, ќе бидат дополнително оптоварени случајно да не згрешат и своето дете да не го воспитуваат „негативно“. Па така збунети и загрижени со желба сè да направат како што треба, ќе бидат несигурни… а децата и тоа како ќе го почувствуваат тоа.

Веќе петти пат му велам дека иако далечинскиот управувач е многу интересен, не смее да го гаси и пали телевизорот цело време. Ако го земам управувачот, плаче, ако му дозволам, ќе го расипе телевизорот. Го водиме истиот разговор веќе неколку пати. Тоа ме заморува. Приказната се повторува. Ако му викнам, дали сум лоша мајка? Дали „негативно“ го воспитувам? Не сакам да биде несреќно дете. Ќе му го дадам далечинскиот управувач само сега. И ќе испијам кафе. Утре повторно можеме да продолжиме да зборуваме зошто не е во ред да го пали и гаси телевизорот цело време. Утре ќе биде постар за еден ден… и да, ќе разбере. Хмм… Дали сега позитивно го воспитав?

Недоследност, недостиг на континуитет, неодлучност, несигурност кај родителите – сето тоа доведува до невоспитаност. Родителот е недоследен кога е збунет, кога применува правила околу кои и самиот не е сигурен. Ако воспитувањето на нашите деца претставува одраз на она во кое ние веруваме, ако правилата во своето семејство ги поставуваме сами, ако децата знаат што да очекуваат и на крајот, ако и ние и тие знаеме зошто нешто бараме или правиме, резултатот ќе биде позитивен. А тоа е ДОСЛЕДЕН РОДИТЕЛ И ВОСПИТАНО ДЕТЕ.

Секако, ако ја прашате мојата мајка, ќе ви каже дека постои воспитаност и невоспитаност. Нема тука место за опишување. И знаете што, се согласувам. Само пронајдете што за вас значи едното, а што другото. И применете го тоа.

Автор: Наташа Грбовиќ, педагог



912

X