Дека детето може да ти го преврти светот наопаку, никогаш не сум помислила. Напротив, таа реченица отсекогаш ми се чинеше претерана. Животот продолжува. И понатаму си истата личност, само со дете. Но, по првото дете оваа реченица одеднаш го доби своето соодветно значење. За жал, има многу вакви реченици што сум ги мислела за мајките пред и самата да станам мајка…
Топ-10 мои предрасуди за мајките пред да станам мајка:
1. Породилното отсуство е феноменално! Конечно една година одмор, не мораш да работиш, можеш да спиеш, да пиеш кафе во кафуле, да одиш на прошетка секој ден – и имаш време за работи како читање, пишување, одење на фризер…
2. Можеше барем малку да расчисти пред да одам на гости. Чистењето на трошките од подот и не е толку тешко.
3. Неверојатно, воопшто не ѝ пречи тоа што има дамка на рамото од нејзиното бебе. А уште помалку ѝ пречи кога со раката му ги брише носето и устето на бебето, а потоа раката ја брише од панталоните. За мене тоа е премногу.
4. Што чита толку на мобилен додека сме на кино? Децата се со тато и сè е во ред.
5. Зошто детето среде зима лежи на земја и плаче, а мајката стои мирна покрај него и го чека?
6. Зошто детето носи очила за сонце навечер и наопаку?
7. Невозможно е да го пушти детето во градинка по пижами!
8. Не сфаќам како почнува да зборува за какушки на бебето без да ја прашам.
9. Децата навистина не мора постојано да јадат. Мајките треба да бидат доследни.
10. Како родителите не можат да ги смират детето во ресторанот? Јас на моите деца нема да им дозволувам да дивеат. Нема така да ги воспитам.
И како бонус: Како можеш да кажеш дека те нервира детето и дека во некои моменти би го фрлила низ прозорец? Не може детето толку да те налути.
Најголемите заблуди за мајките-домаќинки
Денес, кога ќе видам дека мајката го носи детето четири дена во истиот дамкосан џемпер, уверена сум дека има свои причини. Или кога другарката ќе ми раскаже како му вика на своето дете бидејќи е немирно наутро пред одење во градинка и не може никако да му ги врзе чевлите, и за неа го имам целото разбирање на овој свет. Или кога во продавница гледам како една мајка на каса зема чоколадно јајце, ја вади фолијата и му го става чоколадото в уста на двегодишното дете. Не сум единствена што направила такво нешто.
Да, и јас можам да разговарам за столицата на бебето што е на мајчино млеко, пелените што пропуштаат и здравиот и лошиот апетит на моите две деца, па дури и да се забавувам во текот на разговорот. Знам сè за доењето, рецептите за кашички и тантрумите. Ја добив и мојата лекција за доследноста – повеќе пати и повторно ништо немам научено. На крај, ценам кога децата ќе спијат цела ноќ и не мора да станам и повторно да ги заспијам. И се фаќам себеси како секојдневно им го бришам носот на децата со моите прсти и рефлексно ги јадам остатоците и плукнатите залаци од нивните чинии.
А вие што немате деца, можам да ви кажам само едно: немојте ни да помислите да ме прашате зошто мојата двегодишна ќерка има две здолништа на себе и ја лиже количката, додека мојот петгодишен син е исцртан со фломастери по главата и го пее хитот од градинка за смрдливата какушка. Ние имаме наши причини и можеби еден ден ќе ви станат јасни.
Автор: И.Ш.