Научивме дека модерното време менува многу нешта: од начинот на кој гледаме на храната, начинот на кој зборуваме за нешто чувствително, до книгите за кои веќе има обид да се променат. Но, со некои работи полесно се справуваме, а со други потешко…

Снежана не смее да ја бакнува принцот затоа што не се согласила; џуџињата повеќе не се 7 џуџиња, туку само луѓе со џуџест раст; Малата сирена оживува, останува во човечки облик, добива глас и се мажи за принц. Што е следно? Па, мајката на Бамби нема да биде убиена од ловци.

Да, токму тоа што го прочитавте. Ова може да биде заплетот на модерната верзија на Дизни на оваа бајка. Сепак, мислењата на оние што дошле до оваа идеја се доста поделени. Дури е претерано да се каже „поделени“ бидејќи оваа вест речиси никаде не наиде на разбирање, без разлика на тоа за кои генерации станува збор.

Режисерката Линдзи Андерсон Бир од неодамна работи на модерна дизни-верзија на оваа легендарна приказна која расплака многу деца и родители, а една од идеите е да се отстрани сцената во која ловците ја убиваат мајката на Бамби. Таа во интервју за американските медиуми вели дека тоа се должи на фактот што денешните родители се почувствителни од претходните генерации.

– Не сакам да го откријам заплетот, но ми се чини дека смртта на мајката би била премногу за денешните деца и за денешните родители, бидејќи тие се почувствителни за разлика од родителите и децата во минатото – рече Андерсон Бир.

– Мислам дека тоа е една од причините зошто родителите не им ја покажуваат оригиналната верзија од овој цртан – вели Бир.

И да, во право е. Децата денес не знаат за Бамби, иако Бамби беше голем хит и многу важна приказна во детството на денешните родители.

– Станува збор за прекрасен, прекрасен филм. Но, темпото е малку поинакво од она на што е навикната денешната публика – изјави Бир.

Кога ова нејзино интервју стигна до медиумите, коментарите на социјалните мрежи беа целосно неусогласени со нејзините очекувања. Јавноста воопшто не се согласи со неа, а Дизни едногласно беше обвинет за воке-претерување. Воке-културата, инаку, претставува модерно движење кое им овозможи на малцинските групи да ги изразат своите желби и потреби и да се борат против дискриминацијата. Сепак, некои сметаат дека тоа всушност е наметнување на идеологија.

Оригиналниот филм „Бамби“ на големите екрани се појави во 1942 година, а ја раскажува приказната за срнчето Бамби, кое го бара своето место во шумата, заедно со неговите пријатели. Бамби расте и учи да се справува со разни проблеми, среќа, тага, но и смртта на неговата мајка, која ја убиваат ловци.

Но, се чини дека новите генерации ќе раскажат некои нови приказни со нови настани и нов крај. И кој ќе каже дали тоа е правилно или погрешно? Факт е дека денешните деца и родители се далеку почувствителни за разни работи. Но, сосема е легитимно да се праша дали навистина треба да биде така и дали е во ред. Се разбира, сакаме да ги заштитиме децата од тага, солзи и болка, но дали приказните, бајките, цртаните филмови и филмовите се вистинското место за тоа, е сосема друго прашање.

Останува да видиме дали „Дизни“ ќе остане на овој план и дали тоа ќе влијае на гледаноста на филмот.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X