Ново истражување спроведено кај повеќе од 177.000 ученици укажува дека недостигот на сон е поврзан со нездравиот животен стил помеѓу децата и адолесцентите.
Резултатите покажуваат дека недостигот на сонот е поврзан со нездравите навики во исхраната, како што е прескокнување на појадокот, консумирање брза храна и благи работи. Недостигот на сонот исто така е поврзан и со подолго време поминато пред екран и со прекумерна тежина/дебелина.
– Околу 40 отсто од учениците во истражувањето спиеле помалку од препорачаното – вели авторот Лаброс Сидосис, професор и претседател на Одделот за кинезиологија и здравје на Универзитетот „Руџерс“ во Њу Џерси, САД.
– Нивоата на недостиг на сонот се поврзани со лошите навики во исхраната, зголеменото време поминато пред екран и дебелината и кај двата пола – вели тој.
Американската академија за медицина на сонот препорачува децата на возраст од 6 до 12 години да имаат редовен сон од 9 до 12 часа за да имаат оптимално здравје. Тинејџерите на возраст од 13 до 18 години треба да спијат од 8 до 10 часа.
Поголем дел од мажите за разлика од жените (42,3 отсто наспроти 37,3 отсто) и од децата во споредба со адолесцентите (42,1 отсто наспроти 32,8 отсто) пријавиле недоволен сон. Адолесцентите со недоволен сон имале пониска аеробна фитнес и физичка активност.
– Најизненадувачки наод беше дека аеробниот фитнес е поврзан со навиките во спиењето. Со други зборови, подобрите навики за спиење се поврзани со подобри нивоа на аеробна кондиција. Затоа, децата што спијат подобро можеби се повеќе физички активни во текот на денот и оттаму имаат повисок аеробен капацитет – вели Сидосис.
Авторите истакнуваат дека резултатите го поддржуваат развојот на интервенции што треба да им помогнат на учениците да имаат подобар и поквалитетен сон.
– Недоволното спиење кај децата претставува потценет здравствен проблем во западните општества. Имајќи ги предвид овие епидемиолошки наоди, родителите, наставниците и здравствените работници треба да промовираат стратегии со кои ќе се потенцираат здрави модели на спиење за децата на училишна возраст во однос на квалитетот и времетраењето – вели Сидосис.