Таткото на една ќерка раскажува колку е лут затоа што другите родители ги осудуваат него и жена му што немаат други деца. Додека не станал родител, никогаш не ни помислил дека постои стигма кон родителите на едно дете.
– Постојат големи шанси мојата ќерка да биде единица. И уморен сум од тоа како другите родители реагираат кога ќе сфатат дека имаме само едно дете – вели таткото.
– Додуша, имав предрасуди против големите семејства. Си мислев кому му требаат толку многу деца, и мислев дека тоа е неодговорно. Сепак, не сфаќав дека пристрасноста има и друга страна. Дека родителите со повеќе деца со презир ќе ја гледаат мојата единствена ќерка, особено нашата одлука дека сакаме да имаме само едно дете – додава тој.
Постои стереотип дека детето што нема браќа или сестри е разгалено, себично и осамено.
– Другите родители сакаат да ги дефинираат децата според нивното отсуство на браќа и сестри. На прашањето: „Ја имате само неа?“, сопругата и јас ги креваме рамената бидејќи, да бидам искрен, воопшто не планиравме уште едно дете. Секогаш можете да видите како родителите кои прашуваат паузираат, не знаејќи како да реагираат. Многумина изразуваат жалење – вели таткото.
Разликите брзо станале очигледни, дури и за нивната ќерка.
– Еден ден се врати од училиште и рече дека е една меѓу трите деца во цело одделение што немаат брат или сестра. Не го кажа тоа обвинувачки. Тоа беше само необичен факт на кој таа сакаше да го насочи нашето внимание. Ѝ рековме: „Добро“. А потоа, не знаејќи зошто, ја погледнав и ѝ реков: „Извини“. Ги крена рамената и праша дали може да имаме куче. Зошто почувствував потреба да ѝ речам извини? Дали мојата ќерка е должна да има брат или сестра? Дали сум лош родител бидејќи не ги координирав нашите репродуктивни циклуси со семејствата во нашето соседство? Дали моето дете е некаква лична изјава или себичен одраз на мојата желба за повеќе слободно време? Се разбира не. Едноставно се случи. Тоа е животот. И би сакал ова да го разберат повеќето родители – искрен е таткото.
Неговата предрасуда кон големите семејства исчезнала штом станал родител, па затоа сакал другите родители да не му судат затоа што има само едно дете.
– Другите родители не знаат дали сме совршено задоволни со нашето едно, убаво, среќно дете. Тие не знаат дали можеби со години се обидуваме да имаме друго дете. Тие не знаат за стресот, медицинските третмани, неуспесите. Тие не знаат за дискусиите за посвојување, расправиите и финансиските проблеми. Не велам дека сето тоа ни се случуваше нам, но сакам да кажам дека не би требало да се срамат луѓето што имаат само едно дете. Нашата ќерка не е разгалена, себична или осамена. Таа е брилијантна и сака да се дружи со другите луѓе. И би била еднакво прекрасна ако имаме уште десет деца.
Затоа, ве молам, престанете да претпоставувате дека на моето единствено дете му недостига ништо освен вашата емпатија – заклучува таткото.
Автор: Том Бурнс