Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син, 2,4 години и мислам дека имаме сериозен проблем кој не знаеме како да го решиме со сопругата. Откако не работат градинките (одеше 7 месеци и никогаш не се навикна), имаме проблем со спиење, не можеме да дојдеме до некој ред. Не сака ниту да легне, плаче, вика, мава со цел да игра и да биде ангажиран во некоја игра. Ако го совлада уморот, ќе спие 2 часа и ќе стане во некој полусон со плачење, со тресење, како дезориентиран во простор, па зборува неповрзани работи, како да сонува, со многу плачење и тресење кое трае 30-40 минути. Потоа е свесен, но многу нервозен и почнува однесување од типот „сакам вода“, па потоа следува многу плачење зашто добил вода…

Не можеме да го следиме вообичаениот ритам на сон бидејќи секогаш имаме проблем со убедување барем да легне. Во овој период се појави некаков вид пелтечење, прво повторување слогови, а сега со развлекување, кога сака да ни се обрати, но не и кога си игра и зборува сам. Ве молам за совет.

Прашува: Александар

ОДГОВОР: Драги родители, драго ми е што го отворате ова прашање и се обидувате навремено да реагирате на состојбата и однесувањето на вашето дете. Она што можам да го забележам од вашето излагање е дека вашето дете имало тешка и одложена адаптација во градинка, последните седум месеци има проблем со воспоставување на редот за спиење, а сега забележувате и пелтечење кога комуницира со вас.

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Ваквото однесување покажува дека сепак детето не може да се справи со одредени непријатни емоции. За да можам да ви дадам конкретни насоки и совети, потребни ми се и поопширни информации од типот каков бил периодот на адаптација во градинката и какво било неговото однесување следствено на тоа, какви се неговите активности во текот на денот, кои се негови главни личносни карактеристики и обележја итн. Ова е возраст кога детето е на почетокот од периодот во кој треба да ги совлада социо-емоционалните вештини кои ќе ги зголемат самосвесноста и самоконтролата на неговите чувства. За овој период се карактеристични и тантрумите, кои во зависност од темпераментот на детето можат да се јават преку денот или во текот на ноќта како вознемирувачко, интензивно и агресивно плачење.

Секако, она што вам ви е важно е да се обидете да ја откриете причината за ваквата емоционална состојба на вашето дете, да ја препознаете најпрвин неговата емоција и да му ја доближите нему, со што би му понудиле и вештини како да ја исканализира. Тоа значи дека треба да се испитаат и семејните врски и целиот семеен систем, како и неговата семејна динамика. Во тој поглед ви ја препорачувам и директната психолошката поддршка и советување од страна на стручно лице.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X