Не можам постојано да бидам силна. И на јунаците им треба слободен ден.
Ти го можеш тоа. Верувам во тебе. Знам дека ќе издржиш…
А списокот на сето она што им претходело на овие мантри е многу подолг од 1001 ноќ, Илијадата и Одисејата, епот за Гилгамеш.
Којзнае колку пати сум ги чула овие оптимистички апели, пораки, слогани. Како некоја комунистичка оставина – важна е живата глава, да, но сè што е под неа, е, што – неважно?! Ни сама повеќе не знам колку пати во мене ги испукале овие флоскули. Дека животот е еден и вреден и дека сè што е денес, утре веќе не е. И дека знаат дека во моите речиси 60 килограми има доволно волја и сила.
Веќе малку и ми се гадат установените форми и пристапи кон секоја поплава што ме заплиснува. И кога сонцето грее и кога некој ми истура канта со гомна врз главата. Принципот е ист – издржи, ќе помине. Знам дека си силна…
Дали копам? Не копам.
Дали ја хранам стоката? Не. Дали собирам сено? Ни тоа.
Дали ме чека зимницата? Па и не.
Дали треба да се цепат дрва? Никако.
Ете, немам работа, освен што работам од девет до седумнаесет часот, секоја втора недела, неретко и во текот на празници, што сум и мајка, и дадилка, и домаќинка, и готвачка, и чистачка, и медицинска сестра, и возач и дворски шут, и моден гуру.
Што во меѓувреме треба да ископам некој час повеќе за да наредам, да прередам, да селектирам, да ги ревидирам полиците, кесите, мислите и патот под тркалата.
А како би се дрзнала да одам на фризер, на масажа, без цел и бесконечно долго да талкам по пространствата на бутиците, да лежам и да читам книга, да се бањам речиси еден час, да не спијам како да сум на стража и да пијам коктели со пријателките до затемнување на умот.
Да се слечам гола додека дождот истура, а јас на паркингот, ете токму таква, ги менувам свеќичките на автомобилот. Бидејќи ми се може! И затоа што верувам во себе. И знам дека ќе издржам.
Колку пати нè опсипале со предизборни пароли дека веруваат во нас, дека доаѓаат подобри денови. Само што не избираме власт, туку едноставно некој свој ден или само еден час.
Доста ти е од мобинг и омаловажување, си одлучила да дадеш отказ, да се преселиш, да се разведеш – супер, ќе успееш во сè, штом малку ќе се навикнеш.
Кој може на сè да се навикне, едноставно од навика? И да не се жали бидејќи тоа нам, жените, најтешко ни го простуваат – да кажеме дека нешто не можеме и дека ни е тешко.
Од каде ѝ е правото на мајката да ѝ биде тешко?
Како тоа замислила дека ѝ е напорно да се тетерави по цела ноќ додека го загрева млекото или безброј пати му ја нуди дојката на бебето, па по жега, магла, снег го поминува денот во потребна и корисна прошетка, да осмислува мени за големите и малите, да ги трие паркетот и фугите на плочките, одлучна да излезе победник во војната против домашните штеточини, да се наголта „доместос“ и солна киселина, варикината да ѝ ги јаде ноктите и да ги гледа сите оние влакна на себе што не стигнала да ги исплеви. Да мириса на запршка, додека „еуфоорија“ на Келвин Клајн ја менува агрегатната состојба.
Мајките се закон.
Јунаци на нашето време.
Превработени 24 часа, секој ден, со платичка и без годишен одмор.
Одмараат на една нога, во полусон, бдеат, покриваат, носат, поднесуваат. Трпат. Знам многу од нив што трпат, сешто и секого. И не треба да се каже дека грешат бидејќи знаат зошто го прават тоа, додека во меѓувреме забораваат на себе, верувајќи дека вреди да го прават тоа.
Се надеваат дека нивната работа, која не познава работно време, има најдобар производ – здраво, среќно и правично дете, кое утре ќе стане таков човек.
И затоа никогаш не вели ѝ на некоја мајка дека знаеш дека ќе издржи, дека е силна, дека може сè.
Никогаш не ставај ѝ го тоа бреме.
Што ако не успее, што ако не може, што ако ја прегази времето, луѓето или околностите?
Кој ќе ѝ прости?
А многумина ќе ѝ замерат.
Никогаш не вели ѝ на некоја мајка дека мора да може сè.
Затоа што и на јунаците понекогаш им треба слободен ден…