На што прво се сеќавате од вашето детство? Колку години сте имале тогаш? Големи се шансите да не можете да се сетите на ништо пред градинка или основно училиште – не се сеќавате на своите први зборови, кога сте почнале да одите, што прво сте јаделе од тврда храна. Повеќето возрасни лица едвај се сеќаваат на некои работи пред третата година поради феноменот кој се нарекува „детска амнезија“. Но, нејасни се сеќавањата на случките помеѓу третата и седмата година.

Значи, колку и да била посебна тортата за првиот роденден на детето, тоа сигурно нема да се сеќава на неа, а ниту на одењето на плажа речиси до втората година од животот.

Зошто не можеме да се сетиме дека некогаш сме биле бебиња?

Одговорот лежи во тоа што способноста на нашиот мозок да ги потхранува сеќавањата се менува како што растеме. Кога ќе се родиме, мозокот сѐ уште не целосно развиен, а континуирано се развива од детството до адолесценцијата и младата возрасна доба. Големината на мозокот на штотуку родено бебе е само четвртина од големината на мозокот на возрасна личност, а до втората година од животот мозокот расте на три четвртини големина од мозокот на возрасно лице. Ова зголемување е споредено со растот на бројот на мозочни клетки – наречени неврони – но и со врските помеѓу невроните. Делот од мозокот кој е особено важен во создавањето сеќавања е хипокампусот, а ги чува спомените на одреден случки во нашите животи, како кафето кое минатата недела сме го испиле со пријател или семеен одмор кој сме го поминале пред многу години. Во хипокампусот постојано се создаваат нови неврони. Кај возрасните уште се произведуваат нови клетки, но стапката на производство на тие клетки се забавува.

Невролозите сметаат дека забрзаното создавање на мозочните клетки во детството би можело да биде причина за детската амнезија. Со оглед на тоа дека се создаваат толку нови неврони, кои меѓусебно создаваат врски во мемориските кругови, тие би можеле да ја нарушат мрежата на сеќавањата кои се веќе формирани.

Можат ли бебињата да се сетат на нешто?

Се покажало дека доенчињата и малите деца може да се сетат и да создаваат сеќавања. Тоа вклучува и процедурално помнење кое им овозможува да извршуваат задачи без размислување за нив (на пример, како да одат) и сеќавања на настани кои се случиле. Способноста на детето долго да ги помни работите постапно се развива во текот на детството. На пример, во студиите во кои мали деца се научени да имитираат работа, шестмесечните деца можеле да се сетат што треба да прават по 24 (но, не и по 48 часа), додека деветмесечните деца можеле да се сетат што треба да прават по еден месец (но, не и по 3 месеци).

И покрај ова губење на помнењето, откриено е дека искуствата од детството влијаеле многу години подоцна врз однесувањето, што посочува дека трагите од тие сеќавања би можеле да се потхранат во дел од мозокот на кој не е лесно да се пристапи. Во истражување со животни, научниците откриле дека латентни траги од рани искуства долго остануваат во мозокот, а подоцна може да се покренат со потсетување. Ова откритие става акцент на тоа како искуствата во раното детство влијаат врз менталното и емоционалното здравје подоцна во животот. Па така, иако вашето дете можеби не се сеќава кога почнало да оди или на патувањата на море и игрите на плажа, позитивните искуства во детството влијаат врз неговото однесување уште долго.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X