Игротека

Како дете научив да ги кријам солзите, сега ги учам младите како да бидат тажни

Кога имав околу 10 години, едно момче се удави на езерото Блу Лејк. Се викаше Антонио, заедно пеевме во хорот. Се сеќавам на неговиот погреб, на погледот на неговата мајка кога го затворија ковчегот. Но, не се сеќавам некој да ме праша како се чувствувам. Никој не нè собра да ни каже дека е во ред ако сакаме да зборуваме за тагата.

Како дете научив дека солзите се нешто срамно, нешто што треба да се скрие. Тагата не беше прифатена како што беше прифатена смеата. Никој не ми рече да не плачам, но преку однесувањето на возрасните научив дека е подобро да не покажувам тага. А тоа што навистина ми требаше беше некој возрасен да застане и да биде до мене кога тагував.

Сега, преку мојата работа со деца, пишување, работилници, часови, се трудам да ги научам младите дека е во ред да бидат тажни. Солзите не се слабост, туку доказ дека се справуваш со нешто болно. Тагата е дел од животот и не треба да се избегнува, туку треба да се научи како да се живее со неа.

Кога работам со деца кои минуваат низ тежок период: загуба, промени, траума, сфаќам колку се длабоки нивните чувства, без разлика на возраста. Затоа, не ги учам да ја потиснат тагата, туку да ја разберат и изразат.

Неколку начини што ми помогнаа во таа мисија:

Создавање уметност – ликовната уметност им дава на децата простор да се изразат без зборови. Особено е корисна техниката со колажи, која им овозможува да создадат нешто од „хаосот“ – симболично дејство што дава чувство на контрола.

Пишување поезија – формите како хаику, акростих или сонет им помагаат на децата да ја канализираат тагата во структуриран израз, кој им носи олеснување.

Создавање музичка плејлиста – со музика поврзана со изгубената личност, спомените се одржуваат живи и таа станува дел од секојдневието, а не само од посебни денови.

Готвење на омилениот оброк – приготвување јадења кои потсетуваат на саканите лица е еден од најнежните начини за одржување на споменот.

Прашања и слушање со разбирање – на пример: Што најмногу ти недостига? Што те насмевнува кога се сеќаваш на таа личност?

Едноставно прашање како се чувствуваат – понекогаш најмногу значи само да покажеш дека се грижиш.

Децата немаат голема моќ, не ги носат правилата, но силно чувствуваат. Затоа, нашата задача е да им дадеме простор да бидат тажни и да им покажеме дека нивните чувства се важни.

Автор: Рене Ватсон
Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top