Не е лесно да се биде предмет на исмејување. Како возрасни, често сфаќаме дека требало да реагираме сосема поинаку кога нѐ задевале во детството.

Секој родител носи барем мала траума од детството поради задевање или исмејување. Секогаш ќе има деца кои ќе задеваат други деца. Можеме да ги наречеме палави, невоспитани, злобни или да ги сожалуваме што потекнуваат од семејство каде што не ги учеле поинаку – не е важно. Она што сакаме е нашето дете некако да биде цврсто за само да може да даде краток и јасен одговор на таквите, да се сврти и да продолжи понатаму.

Кога вашето дете ќе се врати дома од училиште и ќе каже дека го задевале, тоа ќе ви го скрши срцето. Како прво, многу работи ви паѓаат на памет кои најчесто не смеете и не сакате да му ги пренесете на вашето дете. Потоа се сеќавате на тоа чувство што сте го имале во таква ситуација кога сте биле дете. И имате желба да му дадете на детето магично стапче кое ќе ја реши секоја таква ситуација.

Но, единственото нешто што можете да му го дадете се зборовите. Можете, односно треба да го научите вашето дете како да се залага за себе или како да ги откачи оние што го задеваат. Иако сите сакаме прво да се справиме со „насилникот“ и имаме точна идеја што и како да направиме и да му кажеме, ова е нешто на што не можеме многу да влијаеме. Но, можеме на нашето дете.

Ана Бринк на веб-страницата www.imom.com објаснува како го направила тоа со својата ќерка кога нејзиниот постар брат ја задевал. Таа ја повикала настрана и ѝ покажала видео од растение наречено срамежлива мимоза. Тие билки едноставно се повлекуваат и изгледаат како да овенале во секунда кога некој ќе ги допре. Потоа ѝ рекла да допре обично растение. Освен што растението се занишало, не се случило ништо.

Тогаш мајката ја прашала ќерка си кое растение сака да биде – она ​​што веднаш венее кога некој ќе го допре или обично растение.

  • Ѝ објаснив дека сè се сведува на ова: единственото нешто што навистина можеме да го контролираме во животот е нашиот одговор на нешто – ѝ рекла таа на својата ќерка.
  • Ако сакаме да венееме секојпат кога некој ќе се обиде да нè „допре“, да нè мачи или изнервира, дозволуваме другите да нè контролираат. Ние се однесуваме како растение што венее, а оној што го овенува растението сака да го прави тоа повторно и повторно за да ја види нашата реакција. Но, ако решиме да продолжиме да стоиме, работата е во наши раце – ѝ рекла таа.

Но, не е лесно да се биде растение што не венее. Постојат начини на кои можеме со едноставни зборови и став да се спротивставиме на задевањето што нè „боли“ и да бидеме растение кое само малку ќе се заниша и нема да венее.

Еве неколку многу едноставни реченици кои може да се користат како реакција на задевањето и кои можете да ги искористите за да му помогнете на вашето дете да биде посилно и да ја врати контролата во свои раце. Не е лесно да ги натерате децата да го разберат тоа, но ако барем пробаат и го видат ефектот, можеби ќе им се допадне.

Да речеме, едно дете кое се задева му вели на вашето дете, на пример: „Имаш пајак на вратот!“

Наместо да вреска или да плаче и да се обиде да го тргне пајакот, детето може да реагира вака:

„Не, немам. Знам дека само се шегуваш“.

Доколку сцената се повторува и детето знае дека тоа што го слуша не е точно, најдобро е да остане „кул“ и да одговори многу едноставно и да продолжи по својот пат.

„Добро. Сакам пајаци“.

Значи, ова е реченица која ќе го остави без зборови тој што задева. Кога детето ќе успее да го достигне овој стадиум и овој став, големи се шансите повеќе да не го задеваат. Затоа што – нема смисла кога нема реакција. Само имајте на ум дека не е лесно да се сфати.

„Па што?“ со кревање рамена.

Затоа што, на крајот на денот – па што.

…или може да замине и да не каже ништо.

Овие одговори, без оглед дали ситуацијата вклучува пајак или нешто друго, може да се користат во речиси секоја ситуација на задевање со мали варијации. А причината зошто тие се толку ефикасни е тоа што наместо силна, гласна, дива реакција (како растение што венее), задевањето добива само блага реакција. Детето кое го задеваат стои исправено и на тој начин покажува самодоверба. Тоа не реагира со еднаква злоба, туку едноставно ја испушта топката и ја дифузира целата ситуација, а за тој што задева ова не е интересно.

Меѓутоа, за да може детето да каже такви работи и да возврати со „испуштање на топката“, важно е да го потсетиме дека прво мора да остане смирено за да може да размисли што да каже.

Затоа, пред да направат или кажат нешто, научете ги дека треба:

  1. Да застане и бавно да земе здив.
  2. Да се насмевне, со што ќе покаже самодоверба.
  3. Да си каже кратка молитва, мантра, фраза: „Денес нема да овенам“.

Можеби нема да успее првиот пат, но ако сте упорни и го повторувате ова со вашето дете, тоа може да биде крај на задевањето. А преку детето и неговите приказни за успешно игнорирање на насилникот, можеби и вие ќе пребродите некои ваши трауми.

Извор



912

X