Разговараме со Наташа Јанчевска од Битола, специјален едукатор и рехабилитатор со над 9-годишно работно искуство. Во ова интервју ни открива како изгледа еден третман зад затворени врати, како екраните влијаат врз децата и колку е важна соработката со родителите за заеднички успех.
1. Како се роди твојата желба да станеш специјален едукатор и рехабилитатор и што е она што најмногу те исполнува во оваа професија?
– Откако знам за себе, во мене постои силна потреба да бидам блиска со луѓето – да комуницирам, да помагам, да охрабрувам и да споделувам радост. Уште од најрана возраст бев опкружена со деца, растејќи покрај мојата мајка која е воспитувач. Тогаш можеби не го разбирав тоа целосно, но денес знам дека токму таа средина ја разбуди во мене љубовта кон детскиот развој и грижата за секое дете.
Како и секое дете, сонував да бидам различни нешта, но длабоко во себе секогаш чувствував дека ме влече нешто поинакво – нешто што не е лесно, но е вистинско. Нешто што бара срце, трпение и посветеност. Нешто што ќе ме предизвикува, но и ќе ме исполнува.
Специјалната едукација и рехабилитација за мене не е само избор, тоа е чувство кое го носам во себе. Тоа е тивка, но силна желба да допрам до некого, да помогнам таму каде што е најпотребно и да го извлечам најдоброто од секое дете. Верувам дека секое дете има свој свет, своја приказна и свој потенцијал, а јас сакам да бидам дел од нивното откривање. Можеби не секогаш можам целосно да објаснам со зборови, но чувствувам длабоко во себе дека ова е мојот пат и дека токму тука можам да направам разлика.
2. Родителите често се прашуваат што всушност се работи зад затворените врати. Како изгледа еден типичен третман?
– Во мојата практика, која трае повеќе од девет години, секогаш негувам отворен, транспарентен и индивидуализиран пристап во работата со децата и нивните семејства. Секој процес започнува со иницијална консултација и детална анамнеза добиена од родителите бидејќи најчесто работам со деца од предучилишна возраст и токму родителите се најважниот извор на информации за раниот детски развој. Дополнително, по потреба анализирам и видеоматеријали од секојдневното функционирање на детето, додека најзначајна алатка во мојата работа останува директната опсервација.
По иницијалната средба следува процена на детето преку структурирани тестови, развојни скали и професионална опсервација, со цел да се добие јасна слика за актуелните потреби, потенцијали и предизвици. Врз основа на добиените информации, во соработка со родителите се креира индивидуален терапевтски план со конкретни и реални цели, приспособени на моменталниот развоен стадиум на детето.
Самите третмани се организираат индивидуално бидејќи секое дете има различна динамика, потреби и темпо на напредок. Времетраењето, интензитетот и фреквенцијата на третманите се одредуваат согласно процената и тековниот развој. Верувам дека „затворените врати“ не треба да останат затворени бидејќи успешниот третман подразбира партнерски однос меѓу терапевтот и семејството. Затоа, кај одредени деца родителите активно ги вклучувам и во самиот процес на работа, со цел да се моделираат стратегии и активности што можат да се применуваат и во домашна средина. По секој третман родителите добиваат јасна повратна информација и насоки за понатамошна работа дома.

3. Денешните деца растат во дигитален свет. Колку, според твоето искуство, прекумерната изложеност на екрани влијае врз вниманието, говорот и социјалниот развој?
– Живееме во време кога технологијата е неизбежен дел од секојдневието, но проблемот настанува тогаш кога екраните почнуваат да ја заменуваат живата комуникација, играта, движењето и интеракцијата со околината.
Во мојата практика сè почесто се среќавам со деца кај кои прекумерната изложеност на екрани влијае врз развојот на вниманието, говорот, комуникацијата и социјалните вештини. Особено во раниот детски развој, кога мозокот најинтензивно се развива, детето учи преку директен контакт, емоционална поврзаност, игра и имитација. Ниту еден екран не може да ја замени таа природна стимулација.
Кај дел од децата се забележуваат тешкотии во говорно-јазичниот развој, намалена концентрација, импулсивност и тешкотии во социјалната интеракција. Брзите визуелни и звучни стимули создаваат постојана потреба од интензивна стимулација, поради што на детето му станува потешко да се фокусира на активности што бараат трпение. Често велам дека раниот детски развој е како градење темели на куќа – доколку основата не е доволно цврста, понатаму многу потешко се развиваат покомплексните вештини.
Она што секогаш им го потенцирам на родителите е дека најсилната стимулација е човечката интеракција. Затоа е исклучително важно користењето на екраните да биде контролирано и временски ограничено, додека приоритет треба да останат реалните искуства и квалитетната комуникација во семејството.
4. Како изгледа соработката со родителите? Колку е важно тие да ги применуваат твоите совети дома и како заеднички го градите патот кон успехот?
– Соработката со родителите претставува основен и неизоставен дел од терапевтскиот процес. Верувам дека најдобри резултати се постигнуваат тогаш кога постои доверба, отворена комуникација и заедничка вклученост.
Терапијата не завршува во кабинетот. Напротив, најголемиот дел од учењето и развојот се случува во секојдневните ситуации – дома, низ играта и рутините. Токму затоа родителите ги сметам за активни партнери, а не само набљудувачи. Мојата улога е и насочување на родителите кон подобро разбирање на потребите на детето. Секогаш се трудам препораките и стратегиите што ги давам да бидат практични и применливи во домашни услови.
Искрената и отворена комуникација е особено важна. Родителите треба слободно да ги споделуваат сите предизвици бидејќи токму тие детали често се клучни за правилно насочување на третманот. Ние, како стручни лица, сме тука заедно со семејството да ја составуваме сложувалката на детскиот развој. Кога постои усогласена работа меѓу терапевтот и семејството, детето добива сигурност и континуитет. Тогаш успесите не се само професионални, туку и длабоко човечки – радост што ја споделуваме сите заедно.