Ова е повеќе од фотографија. Мајка и дете, фатени за раце, симбол на љубовта, родителството. Секојдневна глетка, би рекла – вообичаена. А јас знам дека на тоа ќе му дојде крајот.
Уште малку, и готово.
Рака в рака, но и многу повеќе.
Љубов.
Потсетување на времето што поминува, незабележливо и брзо.
Се штрекнав, одеднаш ми дојде мисла: уште некое време, не знам точно колку, но можеби сосема кратко, и таа детска рака повеќе нема да сака да ја држи мојата.
А како да беше вчера…
Не бев од мајките што го тераат детето да оди, што го држат за рацете и го поттикнуваат, ајде можеш ти, ете, одиш… Ја оставив да ползи колку што сака. Ми рекоа дека со ползење ја поминала градинката нагоре и надолу, како навиена.

Ја пуштив. Никој не остана да ползи довека.
Потоа еден ден сама се исправи. Па направи неколку несигурни чекори во мој правец. Па се пушти.
Прооде на 13 месеци. Точниот датум го запишав во шарен тефтер кој засекогаш ќе го чувам.
И така ние две заедно тргнавме во светот, фатени за раце.
Признавам, неволно ја пуштав таа рачичка.

Што ако падне? Што ако се повреди? Што ако излета на улица?

Симбол на родителството, растењето, љубовта.
Мојата ќерка неодамна смисли нова игра:
Одиме ние две така, се шетаме, а таа вели: „Мамо, ајде како да не се познаваме. Како, божем јас сум голема и излегов сама да се прошетам“.
Моето бебе расте. Сè уште е моето мало дете, несигурно, се плаши, но во неа се појави желба да дознае како е тоа да се биде макар малку самостоен. Макар и на неколку чекори од мајката – и тоа се смета.
И така шетавме, најпрвин напоредно, а потоа таа ќе се тргнеше од мене и глумеше голема девојка што оди некаде сама. Сакаше да почувствува како е тоа кога мајчината рака веќе не е потребна.
По неколку минути играта е прекината, наиде некој автомобил, или нешто друго, не се сеќавам што точно; големата девојка се исплаши и ме фати за рака. „Мамо, ајде сега како повторно да се познаваме…“
Признавам, ја зграбив и цврсто ја стегнав таа мала дланка, тие мали прстиња што ми се вратија. Бев среќна.

А знам, добро знам дека суштината на оваа наша најважна задача – родителството – е да ги пуштиме:
да паднат зашто мора да научат да станат
да летаат со своите крилја
сами да сфатат што е животот.

И знам дека тој ден ќе дојде, можеби набрзо, кога повеќе нема да се гушкаме при секоја разделба.
И знам дека ќе дојде ден кога таа мала рака повеќе нема да ја бара мојата, а играта ќе стане реалност.

Само уште не сум спремна за тоа.

Автор: Владана С.



912

X