Некогаш, во лето, улиците беа полни со деца. Игравме ластик, цртавме со креда. Трчавме во блискиот парк. Седевме на скалите пред некоја зграда. Момчињата играа џамлии и „тапкаа“ сликички. Девојчињата носеа свои играчки, а некои од нив имаа и колички за своите кукли. Некој имаше тротинет. Потоа возевме ролери. Игравме по дворови, па и во училишните. По цел ден, особено кога бевме на распуст или за време на викендот, не влегувавме дома.

Кога ќе паднеа летните дождови, мајките нè оставаа не само да накиснеме, туку и боси да газиме во вирчињата на улиците. Одевме со мајките на пазар. Со татковците одбиравме лубеници. Трчавме и по десет пати дневно за на мајките да им купиме зејтин или прашок за печиво или млеко. Моравме со сапун да ги миеме рацете и лицата, целите прекриени од земја, сладолед, лубеница и креда, бидејќи детството беше несмасно и несовршено, и фантастично, и забавно, преполно со распукани колена и гребеници.

Се сеќавам на ова, бидејќи сега ми е нешто необично – поретко и поретко гледам деца на улица. Како да сме Њујорк или Париз, па некако одеднаш изгледа како децата да се засолнети во некои удобни соби, во игротека, на посебни места за играње и дружење, за живот кој се одвива сосема поинаку отколку во времето кога се играше под прозорец, па децата викаа по своите мајки: „Мамо, дај ми го велосипедот или топката“.

Долго не сум видела деца што ги соблекуваат чевлите за да шлапкаат во вирчињата по улиците, затоа што градот веќе не е место каде што безбедно се накиснува, игра, дружи и живее. Но, затоа сега децата се во кафеаните и кафулињата, трчаат помеѓу столовите и маси, како да се во парк, полудувајќи од досада, се проѕеваат на концерти во доцните вечерни часови или во шопинг-центри каде што трчаат по своите мајки, навикнати се на клима, автомобили, затворени простори, екрани и тишина среде општа врева.

Или се, како и нивните родители, сè подолго приклештени за екраните од своите телефони или компјутери.

Па потоа излегува дека летото залудно доаѓа и летните дождови залудно паѓаат кога ни Босоногиот кој тогаш сакаше да го бакне небото, тука не би имал веќе со кого да си игра.

Автор: Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ



912

X