„Виван, може ли да спиеш, веќе помина времето за спиење. Сите твои пријатели спијат ова време. Станува предоцна за малите деца да бидат будни“.
„Виван, можеш ли да седнеш и да си ја изедеш вечерата. О, погледни го Кирин. Седи на столот и си ја јаде храната. Можеш ли и ти да го правиш тоа што го прави тој?“
Ги имам кажано овие зборови многу пати кога сум била фрустрирана од мојот син. Во тие тешки моменти кога сум исцрпена, толку е инстинктивно да го споредувам моето дете со она што го прават другите деца и да го користам тоа како техника за да го натерам да се согласи. Можеби причината поради која го правам тоа е нешто што често функционира во моментот.
Сепак, ако размислувам подлабоко за изборот на моите зборови, го учам да донесува одлуки врз основа на она што го прават другите, а не на она што му треба или на она што е усогласено со неговите вредности, иако тоа не е мојата намера. На пример, кога има 7 години и ако неговите соученици се потсмеваат на нивниот учител, не сакам и тој да го прави тоа. Она што сакам тој да може да го направи е да им каже на своите другари дека ваквото однесување не е љубезно – иако можеби му е тешко и непријатно. Сакам тој да биде во ред и во мир со тоа што е различен. Сакам да се чувствува доволно самоуверено за да го користи сопствениот радар кој ќе го води низ животот.
Кога ќе има 17 години и ако неговите пријатели сакаат да пие и да вози, се надевам дека ќе каже „не“ и ќе избере безбедност наместо да се вклопи и да им се допадне на неговите врсници. Знам дека веројатно ќе има таква појава како пиење, но се надевам дека ќе може да ги разбере последиците од неколкуте испиени пива и неколку километри возење во таква состојба.
Кога ќе има 19 години и ако се најде во група млади мажи кои разговараат за нивните искуства со малтретирање и можеби искористување на жените во нивните животи, јас апсолутно сакам тој да стане, да им посочи за грешката и да преземе акција.
Сакам да биде многу свесен во однос на луѓето што ќе ги избира околу себе. Сакам да применува храброст пред удобност и да не прави избори преку кои неговите пријатели ќе мислат дека е кул.
И, тука доаѓа тешкиот дел. Желбата да се вклопиш, да се допаднеш и да се согласиш со групата е длабока исконска желба. Да кажете „не“, да ги кренете рацете и да се соочите со пријателите е непријатно и тешко. За да бидете јасни за тоа кои се вашите вредности и потоа да го живеете животот според тие вредности, бара свесност, пракса и напор. Значи, ако сакам моето дете да го прави тоа додека да порасне, треба да престанам да му кажувам да прави работи бидејќи другите луѓе го прават тоа во истиот момент.
Да, треба да го научам на работи како што е фактот дека треба да го јаде својот зеленчук, затоа што тоа е добро за неговото здравје, затоа што ќе го направи силен за да може да оди на долги планинарења со мама и да се обиде да сурфа и да оди во други авантури. Или дека треба да си легнува навреме за да може добро да се одмори за на училиште.

Треба да имам повеќе реални, намерни и соодветни разговори со него за овие чувства. Треба да му дадам дозвола да не се согласува, да ја преиспитува статус кво ситуацијата и сам да размисли за тоа како се чувствува за милионите избори и одлуки што треба да ги носиме секој ден. Тоа значи дека треба да бидам покреативна, трпелива и емпатична, додека го дисциплинирам и создавам граници за нашето семејство, наместо едноставно да барам од него да оди по стапките на неговите пријатели.
Понекогаш се чувствувам еднакво подложена на притисокот од врсниците како и овие невини деца околу мене. Треба почесто да ги водам овие тешки разговори со себе и со моето речиси 4-годишно дете. И иако може да изгледа дека е премногу млад, вистината е дека – тој забележува сè! Тој секогаш учи и согледува и знам дека треба постојано да моделирам како да направам добар избор и постојано да објаснувам зошто ги правиме изборите што ги правиме.
Треба да ги споделам моите сопствени приказни за храброст, а исто така и моите приказни за тоа кога сум немала храброст да ја кажам мојата вистина. Треба да му поставувам прашања и да создадам простор за неговите одговори. И иако тој можеби не го разбира сето тоа во моментов, јас сепак кај него на тој начин ја развивам таа вештина малку по малку и се надевам дека му давам дозвола да ги пронајде сопствените вистини во животот.
Автор: Неха Мандани
912