Еден викенд, пред околу 5 години, отидов да посетам драга пријателка од факултет.

– Размислувам да имам бебе и да бидам самохрана мајка – ѝ реков. Тоа беше идеја за која почнав да размислував како што се приближував до 40-тата година и немав животен партнер на повидок.

Сè уште не бев сигурна дали станувањето самохрана мајка намерно е нешто за кое се чувствував 100 отсто подготвена да го остварам, но почнав да им ја споменувам идејата на некои блиски пријатели за да ги добијам нивните перспективи и да се слушнам себеси како зборувам за тоа.

– Нема шанси. Тоа е невозможно без партнер. Зошто би го правела тоа сама? – беа нејзините зборови и беа толку силни, што се чинеше како физички да ме удри.

Се обидов да ѝ кажам неколку причини, но немањето поддршка од неа упропасти се. Бев разочарана од нејзиниот одговор.

Како дете бев опседната со бебиња. Ако некој ме прашаше дали сакам деца кога ќе пораснам, велев дека сакам 11 бебиња. Јасно се сеќавам кога наполнив 12 години, таа ми веруваше доволно за да ги чувам нејзините деца кога не беше дома, сè додека мајка ми беше во близина и можеше да нè проверува. Формирав и мал дневен камп за помладите деца од моето соседство и планирав активности за нив.

Но, некаде по патот ги изгубив увереноста и јасноста. Се запишав на правен факултет, дипломирав како првенец во мојот клас и се вработив во престижна адвокатска канцеларија.

Фокусирана на мојата кариера, работев многу часови. А кога не работев, излегував и се забавував – патував, уживав во скапи вечери, одев на часови по уметност или на јазичен курс. „Спонтаност“ ми беше средно име.

Излегувањето со партнери не ми беше најдобра вештина и не преземав чекори за да го најдам вистинскиот. Флертував и уживав во љубовта и останував емотивно заглавена со мажи долго време откако раскинувавме.

Спротивно на тоа, повеќето од моите пријателки кои сакаа бебиња правеа напори за да се запознаат со вистинскиот. Набрзо се омажија и почнаа да имаат деца.

Кога луѓето ќе ме прашаа дали сакам деца, секогаш велев: – Не знам. Тоа е одлука што сакам да ја донесам заедно со партнерот штом ќе го најдам. Но, едноставно никогаш не го најдов.

Неколку години по завршувањето на факултетот, моето тело се побуни против долгите работни часови, недостигот на сон и екстремниот стрес. Завршив со хронични болки и едвај можев да се грижам за себе. Ја напуштив мојата престижна адвокатска кариера и поминав неколку години лекувајќи се и повторно измислувајќи се себеси, започнувајќи нова кариера и фокусирајќи се на интереси повеќе во согласност со она што навистина сакав да го правам. Но дури и тогаш бев „зафатена“ – овој пат со моето здравје.

Сепак, брзо се приближував до 40-тата и немав партнер на повидок. Кога се соочив со затворањето на прозорецот за плодноста, сфатив дека треба да размислам дали навистина сакам деца, со или без некого. Но, сепак, не ме фати паника. Пријателките околу мене раѓаа бебиња во доцните 30-ти и 40-ти. Мајка ми ме роди кога имаше 39 години.

Мислев дека, ако ништо друго, мојата генерација докажа дека раѓањето бебе подоцна во животот е можно и, на некој начин, попосакувано. Ми требаше повеќе од една година за да одлучам да направам скок во соло-мајчинството. Колку и да ги сакав децата, не бев сигурна дека сум подготвена да се откажам од слободата и спонтаниот живот.

Која би била ако не можам да патувам низ светот, да танцувам до доцна и да ги тестирам најдобрите ресторани и музички фестивали? Но, од друга страна, почнав и да размислувам: дали животот би ми бил доволен ако треба да се фокусирам само на себе? Дали во одреден момент ќе ми здодеат патувањата и танцувањата?

Еден ден мојата професорка ми рече: – Дали забележуваш дека плачеш секојпат кога зборуваш дека нема да имаш бебе? И тоа беше вистина. И тоа беше вџашувачко сознание. Мојот најголем страв беше дали ќе останам сама засекогаш ако имам бебе? Кој би сакал да излегува со самохрана мајка. Бев загрижена и за финансиската стабилност. Кaко би успеала сама: финансиски, емотивно, логистички? Што ако ја загубам работата? Или ако не можам повторно да работам поради физичка болка. Но, можев да се плашам да имам бебе сама и да ја пропуштам шансата да станам мајка, или можев да се насочам кон неизвесноста и да оставам остатокот од мојот живот да се одвива како што треба. Да имам дете сама не мора да значи дека никогаш нема да сретнам животен партнер. Тоа може да значи одложување на партнерот за неколку години, или може да значи дека поради тоа што сум бремена, ќе се чувствувам неверојатно секси и ќе го повикам партнерот за кој отсекогаш сонував.

Беше навистина невозможно да се предвиди. Од тој момент почнав поинаку да го испитувам мојот живот. Почнав да ѝ верувам на љубовта што се издигнуваше во мене и да ѝ верувам на мојата вродена истрајност. Гледав во иднината и сфатив дека ако продолжам да се фокусирам само на себе, ќе се чувствувам неисполнета. Сакав да бидам од корист на некој начин и сфатив дека сакам да му служам на едно дете. (Се разбира, во тоа време, немав поим колку предавање и жртви ќе повлече мајчинството!). Потоа, еден ден, додека медитирав, имав визија за мало девојче во розов фустан како се ниша на лулашка во еден пролетен ден. Во тој момент знаев дека сакам да станам мајка повеќе од сѐ. Целата моја неодлучност исчезна во еден миг. Бев подготвена. Истражував за логистиката и почнав да се обидувам да зачнам со употреба на донатор со ослободување на идентитетот. Но, тогаш мојот гинеколог ме информираше дека има проблем со мојата плодност. Се борев со неплодност. Ако сакав бебе, веројатно ќе требаше да користам и донатор на јајце-клетки.

Откако поминав една година обидувајќи се да забременам со моите јајце-клетки, конечно прифатив дека треба да користам и сперма и донатор на јајце-клетки. И тогаш почнаа да се слеваат несаканите мислења на сите.

– Не разбирам зошто едноставно не посвоиш – ми рече една пријателка.

Имав свои причини зошто сакав да станам мајка на овој начин. Најважна од нив беше желбата да доживеам бременост, да го израснам моето бебе во сопственото тело.

Како некој ја банализира моќта на мајчината љубов и на физичкото тело врз развојот на бебето кога детето е во неа 10 месеци? За мене беше шокантно што мојата пријателка и многу други ме испрашуваа на овој начин.

Луѓето ме предизвикуваа и ме прашуваа секакви прашања, и споделуваа многу мислења зад мојот грб. Ако сакав да одам по овој пат, ми требаше цврсто уверување во сржта на моето битие дека она што го правам има смисла за мене. Моите избори произлегоа од местото на интензивна љубов и копнеж да станам мајка.

Да се живее животот како самохрана мајка по избор – или воопшто да се биде мајка на овој свет – значи да се оттргнат секакви мислења и осудувања.

Но, единствената личност која некогаш може вистински да ја процени мојата заслуга како родител е моето дете.

Патем, конечно родив дете! Среќно. Прекрасен, здрав, неверојатен син.

Така што, не ми е гајле какво е мислењето на некој за ова прашање. Мајчинството е за љубов, едноставно, без разлика колку е комплицирано патувањето дотаму.

Автор: Сара Ковалски
Извор



912

X