Џонатан Муни како дете го мразел училиштето. Бегал од часови и се криел во училишното ве-це за да не мора да чита. Во трето одделение му поставиле дијагноза дислексија и дисграфија, а во четврто АДХД.

– Додека растев, ги добивав сите можни етикети – глупав, немирен, мрзлив. На крај станав дете со посебни потреби – вели Муни.

Тој променил неколку училишта, а на 11 години дури и го прекинал школувањето. На 12 години сè уште не знаел да чита. Татко му му рекол дека нема ни да заврши средно. Советникот му рекол дека нема да најде работа. Еден од наставниците му прогнозирал дека ќе заврши в затвор. Неписмен и обесхрабрен, дури планирал и да се самоубие.

Десет години подоцна Муни дипломирал со почести на Универзитетот „Браун“, еден од универзитетите од престижната Ајви-лига.

Како еден „отпадник“ од училишниот систем стигнал до Ајви-лигата?

Она што Муни најчесто го одговара на ова прашање: – Престанав да се гледам себеси како проблем.

Неговата мајка се борела да му овозможи учење на начин приспособен на неговите способности. Исто така, Муни повеќе се фокусирал на своите таленти и специфичности:

– Постои длабоко врежано мислење дека она што кај нас отстапува во однос на нормата мораме да го промениме и да го приспособиме кон светот, да престанеме да бидеме различни. Всушност, нашите специфичности не се наши маани и не треба да се срамиме од нив. Проблемот е начинот на кој се третира нашата личност. Образовниот систем постојано ги обвинува поединците што не се вклопуваат -вели тој.

Кога на неговата мајка ѝ било кажано дека има дислексија, тоа го направиле на начин како да ѝ соопштуваат трагични вести: – Сите требаше да ја оплакуваме смртта на мојата нормалност – вели Муни.

Токму проблемот е во тоа што нормалното се изедначува со добро. Јазикот со кој го опишувале додека бил дете му всадил верување дека има недостаток.

Но, токму луѓето со нетипично внимание се подобри во решавање проблеми. Но, никој не го фалел поради овие способности. На училиште децата главно се вреднуваат според способноста да седат мирно цел ден.

– Проблемот е во пасивното опкружување за учење што ги принудува децата да мируваат, што единствено се смета за нормално. Сите знаеме што едно дете го класифицира во групата „паметни“ деца, а тоа не е вашата кинестетичка и тактилна интелигенција, ниту вашата социјална интелигенција, ниту вербалната интелигенција, туку само мал пакет на вештини што решивме да ги сметаме за паметни. И тоа не е во ред. Ако детето не успее да научи на класичен начин, поучете го поинаку, така што тоа навистина ќе научи. На училиште добив впечаток дека сум квадрат што се обидуваат да го турнат во кружна дупка. И што се случува со детето што го третираат на тој начин? На крајот се распаѓа – вели Муни.

Тој смета дека треба да се бориме за правата на учениците за различни типови учење и индивидуален пристап.

– Ако имате различен пристап кон читањето, тие мора да ве научат на начин што е во согласност со вашата неврологија. Исто како што на децата со посебни потреби им се потребни посебни рампи за пристап до училиште, така и на децата со различен начин на учење им треба посебен метод за пристап до знаење – објаснува тој.

На некои деца им е потребно повеќе да се движат во текот на часот или да седат на топка за вежбање наместо на стол.

– Денес сум овде каде што сум бидејќи ми беше овозможено да станам и да прошетам во текот на часот и затоа што наставникот ми го замени столчето со топка за вежбање. Зошто беше важно тоа? Затоа што, додека скокав на топката, имав подобра концентрација. Исто така, затоа што ми беше дозволено подолго да ги решавам тестовите отколку другите деца. Кога читате потешко, а имате ист временски рок како и другите, не сте еднакво третирани. Мора да ви се даде иста шанса како и на другите – вели тој.

Бидејќи постојано бил казнуван зашто кажувал шеги на часовите, мајка му го носела на часови по стендап-импровизација

Потенцирањето на талентите на вашето дете е уште една многу важна работа. Муни доживеал многу порази на училиште, особено на тестовите за пишување (спелување), но кога во една пригода наставникот по пишување му рекол дека е одличен раскажувач, тој почувствувал охрабрување. Првпат некој ја уочил неговата доблест и ја именувал. Тоа го поттикнало да се види себеси како потенцијален писател, што и на крајот станал. Наставникот дури и му рекол да не се грижи поради тоа што спелувањето му оди лошо.

– Првпат во животот некој ми рече – батали го она што не ти оди и насочи се на она што ти оди – објаснува Муни.

Огромно значење имал и ставот на неговата мајка кога видела дека не му оди на училиште. Еден ден му рекла на Муни да не оди на училиште и наместо тоа, го однела во зоолошка градина. Учеле за екосистемите. Оттогаш секој петок наместо да оди на училиште, Муни останувал со својата мајка да прави нешто друго. Оделе на градилишта, каде што учел за важноста на математиката. Бидејќи постојано бил казнуван поради кажување шеги на часовите, таа го носела на часови по стендап-импровизација за да го развие својот талент. Тој нивни ден го нарекле – Ден за подобрување во нешто.

– Времето го вложувавме во она во кое бев добар, на училиште преживеав благодарение на овие денови поминати со мојата мајка. На училиште нема „Ден за подобрување во нешто“, само поправка на она што не е во ред со тебе. А успешните и остварените луѓе не се добри во сè. Тие се добри во нешто и околу тие свои интереси и таленти го градат својот живот. Секое дете има некоја доблест. А јас ве повикувам тоа да го откриете, именувате и развиете – порачува Муни.

Извор



912

X